Не, Зорица Заева не го избрала Гарванлиев да настапува на „Евровизија“

Пејачот Васил Гарванлиев требаше да ја претставува Македонија на „Евровизија“ во 2020 година, но со оглед на тоа што минатогодишното издание беше откажано поради пандемијата, од МРТ одлучиле претставникот во 2021 година да остане ист. Освен тоа, по реакциите на јавноста во МРТ е оформена комисија, која исто така одлучи претставникот да не се менува.

 

Во тенденциозен, манипулативен напис, објавен на портал, а споделен и на „Фејсбук“,  се спинува дека сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица, го избрала годинашниот претставник на „Евросонг“ за земјава.

Во насловот којшто гласи: „Зорица Заева го избрала Гарванлиев да не претставува на Евровизија”, изнесена е дезинформација. Содржината на текстот е поткрепена со неколку фотографии, кои би требало да покажат блискост меѓу Васил Гарванлиев и Заева, но и со функционери на СДСМ, е манипулативна. Не е направен ниту обид да се исконтактираат инволвираните страни во написот, како што налага добрата новинарска пракса и, наместо тоа, се помешани елементи на коментар и на информација.

„Вистиномер“ стапи во контакт со Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, кој на една од фотографиите е претставен како близок на Гарванлиев. Петров ни рече дека фотографијата е од свадбена веселба на Мухамед Зекири, значи во 2019 година.

Како, всушност, се избира евровизиски претставник? Со одлука на МРТ!

Пејачот Васил Гарванлиев требаше да ја претставува Македонија на „Евровизија“ во 2020 година, но со оглед на тоа што минатогодишното издание беше откажано поради пандемијата, од МРТ одлучиле претставникот во 2021 година да остане ист.

Втора година по ред со прекрасен почеток и покана од МРТ. Ретко кој добива една, а не три шанси да го реализира својот сон. Во 2019-та застанав ГОРДО позади нашата Тамара, 2020-та ја посветив на сите ВАС, но Ковид рече не! Во 2021-та ја користам мојата животна приказна, за да ви го подарам срцето на дланка преку мојот глас. До сите сонувачи: верувај, сонувај и не се предавај! Вистината, трудот, енергијата и чистата љубов СЕКОГАШ победуваат. Сите имаме своја Приказна и патека која е наша судбина, и време е ова темно и тешко секојдневие да го исполниме со светлина, љубов и чиста енергија. Огромно благодарам до МРТ, која и понатаму верува во мене и ми ја дава одговорноста и можноста да бидам нашиот, македонски преставник годинава на Евровизија во Ротердам. Верувам. Ве сакам. Ќе пеам за сите вас, ама и вие да запеете со мене! Со душа чекам да ги споделам со вас нашите планови како македонски тим за Евровизија 2021. Y’all better be ready for this!!, напиша Гарванлиев на социјалните мрежи.

Официјално и МРТ соопшти дека токму националната телевизија одлучила кој претставник ќе оди на натпреварувањето.

Според јасно утврдените правила од страна на ЕБУ, кои ги обврзуваат националните радиодифузери да селектираат нова песна за Евровизија 2021, а самите да донесат одлука дали минатогодишниот претставник ќе остане истиот и годинава, Македонската Радио- Телевизија одлучи задачата да ја претстави Македонија на Евровизија 2021, да остане во рацете на Васил Гарванлиев, се вели во соопштението од МРТ.

Освен тоа, за овој случај во МРТ се оформи Комисија.

МРТ формира интерна комисија, која ги разгледува и анализира сите аспекти кои произлегуваат од реакциите на јавноста, врзани за проектот „Евросонг“. Јавниот сервис исто така ќе ги има предвид обврските нотирани во лиценцата за учество, како и обврските кои произлегуваат од членството во Европската радиодифузна мрежа – ЕБУ, каде МРТ е составен дел од здружението на јавни сервиси во Европската Унија. Јавноста наскоро ќе биде дополнително информирана за конечната одлука на МРТизјави Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација.

Комисијата одлучи Гарванлиев да остане македонски претставник на Евросонг 2021. На состанокот било утврдено дека МРТ во целост ги испочитувала и интерните постапки и процедурите при апликацијата во ЕБУ.

Поради прогласената пандемија од ковид-19, „Евросонг 2020“ беше откажан од страна на организаторот ЕБУ.

По Програмскиот интерес за учество и оваа година, МРТ повторно аплицирала, избирајќи го истиот пејач за свој претставник на „Евросонг 2021“, по примерот на 24 земји-учеснички, коишто исто така се определиле да ги испратат истите претставници. Заради континуитет во работата, истата работна група била задолжена да упати нов Јавен повик до авторите од земјата и од странство. Од пристигнатите песни, музички новинари од МРТ и самиот пејач се усогласиле дека песната „Here I stand” би била најсоодветен избор за композиција којашто ќе ја претставува МРТ на „Евросонг 2021“, се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека евентуалното откажување од настап на „Евросонг“ би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки.

Оттука, да се тврди дека сопругата на премиерот, Зорица Заева имала каква било врска со одлучувањето кој ќе биде претставник на „Евросонг“ во земјава, претставува, тенденциозно, спинувано и манипулативно тврдење, кое нема темели во фактите. Фотографија од две лица снимена во некаква пригода, не претставува доказ за изнесено тврдење дека Заева избирала кој ќе биде евровизиски претставник. Освен тоа, во текстот е пропуштено да се информира, туку сензационалистички се искористени фотографии, кои не се во контекстот на евровизиското натпреварување, туку се во приватен контекст на свадбена веселба.