Петличковски говори за нивото на антитела, а не за безбедноста на вакцините

Напишаното во овој пост, кој се споделувa на „Фејсбук“, е целосна невистина и заедно со видеото, кое е само еден фрагмент од интервјуто на Петличковски, намерно ја манипулира и ја доведува во заблуда јавноста. Затоа што, ниту се тестираат вакцините на веќе вакцинирани луѓе, ниту се прават истражувања за нивната безбедност. Петличковски во видеото воопшто не зборува за безбедноста на вакцините, туку за нивото на антителата на вакцинираните лица. И, бидејќи истражувањата сè уште траат, тој не дава никакви бројки и податоци за да може да се извлече заклучок дали вакцините се или не ефикасни 

 

 

Фејсбук-објава споделува видео од директорот на Институт за имунобиологија и хумана генетика Александар Петличковски и притоа ги манипулира и вади од контекст неговите зборови.

Во објавата, изјавата на Петличковски погрешно се интерпретира, се тврди дека кажал една работа, а фактички неговата изјава се однесува на нешто сосема друго.

За што, всушност, зборува Петличковски?

Видеото е мал исечок од интервјуто на Петличковски за телевизија „Сител“, во кое тој говори за истражувања што ги прави Институтот за нивото на антителата на вакцините што се аплицираат во С. Македонија.

Додека, пак, во објавата манипулативно и сензационалистички се тврди дека Петличковски, наводно, рекол оти дури сега се тестираат вакцините, нивната безбедност и ефикасност. Па, така во постот се вели:

Се здробија од лаење дека боцкиве се испитани, безбедни и ефикасни, а Петличковски кажуе дека дури сега ги испитуваат ефектите од вакцините, на веќе вакцинираните луѓе ???
Па нели ваксајнсите беа испитани, безбедни и ефикасни ???
Ако биле испитани, безбедни и ефикасни зошто пак ги испитувате ??? 🤔🤭🤔
Ова значи дека: Или појма немаат, или свесно манипулираат со народот ?!? 🤔

Напишаното во овој пост што се споделувa на „Фејсбук“ е целосна невистина и заедно со видеото, кое е само еден фрагмент од интервјуто на Петличковски, намерно ја манипулира и ја доведува во заблуда јавноста. Затоа што, ниту се тестираат вакцините на веќе вакцинирани луѓе ниту се прават истражувања за нивната безбедност.

Петличковски во видеото воопшто не зборува за безбедноста на вакцините, туку за нивото на антителата на вакцинираните лица. Притоа, бидејќи истражувањата сè уште траат, тој не дава никакви бројки и податоци за да може да се извлече заклучок дали вакцините се ефикасни или не. Петличковски, меѓу другото, вели:

На Институтот се обидуваме да собереме испитаници вакцинирани со сите вакцини кои се достапни кај нас…. Анализирани се нивоата на антитела пред давање на вакцината, по првата доза, а пред втората и четири недели по втората доза… Ќе ги продолжиме истражувањата и по три и по шест месеци, односно на секои три месеци за да видиме како овие антитела се  одржуваат во текот на времето…

За ефикасноста на вакцините во С. Македонија може да се зборува дури откако ќе излезе истражувањето што го спроведува Институтот за имунобиологија и хумана генетика и ќе се видат бројките за нивото на антителата на вакцинираните, пред почетокот на вакцинацијата, по првата доза и по втората доза, односно откако целосно ќе заврши процесот на имунизација.

Во однос на безбедноста на вакцините, Светската здравствена организација (СЗО), но и здравствените власти на сите држави силно гарантираат дека вакцините се доволно тестирани и безбедни за луѓето.

Од СЗО велат дека вакцинацијата е безбедна, а несаканите ефекти од вакцината обично се мали и привремени, како што се болки во раката или лесна треска. Можни се посериозни несакани ефекти, но исклучително ретки. Секоја одобрена вакцина е ригорозно тестирана во повеќе фази на испитувања пред да биде одобрена за употреба и редовно се проценува откако ќе се воведе. Научниците, исто така, постојано ги следат информациите од повеќе извори за какви било знаци дека вакцината може да предизвика здравствени ризици.

Оваа објава има цел да ги заплаши корисниците на социјални мрежи дека вакцините се небезбедни и притоа да ги премисли и одвлече од одлуката да се вакцинираат. Иако, вакцините се единственото достапно решение да се спречи ширењето на коронавирусот, а со тоа и големиот број заболени и смртни случаи.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.