Како невистинито го оценуваме тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид-19. Тоа го темелиме на соопштението од Центарот за контрола и превенција на болести на САД издадено на 23 јуни, во кое се вели дека ЦДЦ продолжува да ја препорачува ковид-19 вакцината за сите над 12 години, поради тоа што ризиците од болеста ковид-19 и можните сериозни компликации од неа, како долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација и смрт, се далеку поголеми од ризикот да се развие миокардитис по вакцинација
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто е наведено дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид-инфекција, а притоа се приложува линк од анализа на Центарот за контрола и превенција на болести во САД за деца на возраст од 12 до 15 години за миокардитис – воспаление на срцевиот мускул, кој може да доведе до неправилно чукање на срцето и смрт. Во прилог на постот има и линк од напис каде се тврди дека миокардитисот кај адолесцентите по вакцинација е 200 пати поголем од очекуваниот.
Меѓутоа, Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално објави дека повеќе од 177 милиони луѓе примиле барем една доза од ковид-вакцина во САД. Од април 2021 година во САД се пријавени околу 1.000 случаи на воспаление на срцето – миокардитис и перикардитис, по вакцинација. Според Центарот, овие извештаи се ретки, со оглед на стотиците милиони администрирани вакцини и се пријавени кај адолесценти и млади. Центарот за контрола и превенција на болести продолжува да ги следи овие извештаи со тоа што ги прегледува медицинските досиеја за да дознае што се случило и да разбере дали има каква било врска со вакцинацијата за заштита од ковид-19 .
Повеќето пациенти што добиле лекарска грижа добро одговориле на третманот и веднаш потоа се чувствувале добро, тврдат оттаму.
Наспроти тврдењето во постот што го рецензираме, дека ризикот од вакцинација е поголем од ризикот од инфекција (тврдење што некои читатели може да го сфатат како да доаѓа од Центарот за контрола и превенција на болести, иако тоа не е точно), оттаму го тврдат спротивното.
На 23 јуни годинава Центарот напиша дека продолжува да ја препорачува ковид-19 вакцината за сите постари од 12 години поради ризикот од ковид-инфекција и сериозните последици од неа.
Центарот продолжува да ја препорачува вакцината за сите над 12 години и напоменува дека потенцијалните бенефити од вакцинацијата натежнуваат споредено со ризиците, вклучително и ризикот од миокардитис. Исто така, повеќето пациенти со миокардитис кои добиле терапија добро одговориле на третманот и се чувствуваат добро.
Ако вие или вашето дете сте ја примиле првата доза од Фајзер или Модерна вакцините, важно е да ја примите и втората доза, освен ако докторот не ве посоветува поинаку. Познатите и потенцијални бенефити од вакцината натежнуваат над познатите и потенцијални ризици, вклучувајќи го ризикот од миокардитис и перикардитис. Исто така, поголемиот број пациенти со миокардитис и перикардитис кои добиле нега, добро одговориле на третманот и се почувствувале добро за кратко време, пишува на официјалната страница на ЦДЦ.
Во најновиот извештај на ЦДЦ, пак, се вели дека миокардитисот по вакцинацијата е ретка појава, дека до 28 јуни 2021 потврдени се 518 извештаи на миокардитис кај помлади од 30 години, но уште се истражува дали се поврзани со ковид-вакцинацијата.
Според ЦДЦ, машките лица под 30 години, го сочинуваат мноштвото случаи, а повеќето случаи се благи. Од 295 луѓе што развиле ваков несакан ефект и биле отпуштени, 79 проценти целосно закрепнале.
Според агенцијата, од почетокот на пандемијата, 2.767 лица на возраст од 12 до 29 години починале од ковид-19, од кои 316 од почетокот на април.
Како што извести „Си-ен-би-си“, министерството за здравство во своето соопштение, потпишано и од Центарот за контрола и превенција на болести, како и од медицински професионални групи, вели дека миокардитисот е многу ретка појава.
Само мал број луѓе ќе ја имаат оваа состојба после вакцинација. Уште поважно, за младите, повеќето случаи се поблаги, а тие самите закрепнуваат без или со минимален третман. Знаеме дека миокардитисот и перикардитисот се почести ако заболите од ковид-19 и ризиците за срцето од ковид може да се многу посериозни, изјавија тие.
Центарот за контрола и превенција на болести нема кажано дека ризикот од миокардитис кај младите е 200 пати поголем од очекуваното, како што се тврди во текстот во рамките на постот.
Во овој текст прикачен е линк кој што не се отвора, а кој наводно треба да покаже дека ризикот за миокардитис кај помладите од 25 години е 200 пати поголем. Не успеавме да пронајдеме ниту еден извор што го тврди тоа. Центарот за контрола и превенција на болести не советува да не се вакцинираат лицата што имале миокардитис од која било причина (дури ни тие што имале миокардитис како последица на ковид-19 болеста или од вакцинација), туку да дискутираат за тоа со своите лекари.
Вакцинацијата во САД и понатаму се препорачува за повозрасни од 12 години и тековната препорака на Центарот за контрола и превенција на болести е дека ризиците од ковид-инфекцијата се далеку поголеми од ризикот да се развие миокардитис по вакцина. Оттука, како невистинито го оценуваме тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, дека ризикот од вакцинацијата е поголем од ризикот од ковид-19.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.