Тимот на Фондацијата „Метаморфозис“ и на порталот за критичко мислење „КриТинк.мк“ ја искажува целосната поддршка за нашата соработничка Мирослава Бурнс, која деновиве е мета на примитивни, сексистички и дискриминаторски напади. Нападите изобилуваат со навреди и клевети, непримерен и загрозувачки говор, но постојат и елементи кои можат да се окарактеризираат како говор на омраза, што е кривично дело според Кривичниот законик.
Го осудуваме секој облик на дискриминација, говор на омраза и злоупотреба на медиумскиот простор за пресметки и навредувања на лична основа, што е директно кршење на членовите 7, 10 и 16 од Кодексот на новинари.
Уште пострашен е фактот што ваквите напади се реакција на текст кој го напиша Бурнс, а се однесува на претходна објава на истото онлајн-издание, која исто така изобилува со истиот примитивен говор, кој ги прекршува член 7, член 10, член 11 и член 13 од Кодексот на новинари.
Ниеден новинар не смее да биде клеветен, навредуван и дискриминиран само затоа што работи на теми што се однесуваат на почитување на медиумските стандарди, засилување на новинарската професионалност и ширењето на медиумската писменост, инаку, цели на чие постигнување работи „Критинк“.
Изразуваме голема благодарност до сите организации и поединци, кои и официјално, но и преку социјалните мрежи искажаа поддршка за Мирослава. Исто така, сакаме да ја повикаме јавноста уште посилно да ја искаже својата поддршка и осуда на однесувањето на онлајн-изданието кое стои зад ваквите напади.
Начинот на комуникација со јавноста, кој се практикува во овие напади не смее да најде простор во јавниот дискурс. Говорот на омраза претставува насилство, кое е на рамниште на физичкото насилство. Како таков, тој во никој случај не смее да стане нормална појава зашто така секој од нас може да стане негова жртва.
Тимот на „Критинк“ и Фондација „Метаморфозис“