Кога медиумот има свои аршини за здравствени протоколи

[Рецензија: Мицкоски и Заев беа во изолација, Пендаровски продолжува со работа]

Иако кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски детално ја информира авноста за лице од неговото обезбедување позитивно на тест за корона-вирусот, медиумот непотребно се „грижи“ за здравјето на шефот на државата.

Линк до оригиналниот напис: Мицкоски и Заев беа во изолација, Пендаровски продолжува со работа

Датум и време на објавување: 18.5.2020

Датум на рецензија: 18.5.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

Овој напис уште со првата реченица ја спинува веста, што во понеделникот, на 18.5.2020 година, ја соопшти кабинетот на претседателот Пендаровски – дека личност од поширокиот тим на неговото обезбедување има позитивен тест на корона-вирусот. Па, со еден таков манипулативен пристап на самиот поќрток на текстот се вели:

Откако Кабинетот на Пендаровски објави дека лице од обезбедувањето на претседателот е позитивно на корона, се поставува прашањето дали е доведно во прашање здравјето на шефот на државата.

Веднаш потоа се продолжува во истиот стил:

Иако од неговиот Кабинет убедуваат дека заболеното лице не било Во директен контакт со Пендаровски, односно бил од поширокиот тим, никој не може со сигурност да тврди дека тој немал контакт со другигите од тимот ниту пак со соработниците на шефот на државата.

За да се дојед до „проблемот“ и тенденциозно да се постави дилемата:

Нејасно е зошто за Пендаровски не важат истите мерки како за лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Заев и Христијан Мицкоски беа во двонеделна изолација откако беа во контакт со новинарот Гоце Михајловски, кој по неколку дена објави дека е позитивен од корона-вирусот.

Намерно занемарувајќи дека во посоченото соопштение, коректно пренесено од повеќе медиуми, јасно стои какви детални мерки на претпазливост се преземени во согласност со здравствените протоколи:

Во попладневните часови во неделата, на 17 мај, извршено е тестирање за Ковид-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во Министерството за внатрешни работи, при што е утврден позитивен резултат, се наведува во нивното соопштение. Тој минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај годинава и бидејќи е дел од поширокиот тим на обезбедувањето, немал директна комуникација со претседателот.

Од кабинетот на претседателот додаваат и дека по спроведената епидемиолошка анкета било утврдено дека е потребно дополнително да се тестираат 11 лица, кои биле во контакт со позитивното лице. Тестовите покажале дека сите 11 се негативни на Ковид-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубацијата од 14 дена.

По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои, според епидемиолошкиот протокол, не се препорачува изолација. Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита. Во изминатите два месеца вработените работат според различен распоред, а поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање и се користи заштитна опрема, а редовно се чистат и дезинфицираат просториите во Вила „Водно“, информираат од претседателскиот Кабинет.

Се поставува прашањето дали при пишувањето на текстот воопшто е прочитано соопштението?!

Со ваквиот начин на пласирање на веста е прекршен првиот член на Кодексот на новинарите на Македонија, во кој се вели:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Попатно, написот не се придржува ниту до членот 13 од посочениот Кодекс:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.