Ставајќи ги своето име и презиме или само иницијалите – во случај на помали по обем новинарски производи, новинарот пред читателот, слушателот или гледачот презема одговорност со својот професионален интегритет дека ќе го информира и едуцира според новинарските стандарди, односно дава своевидна гаранција дека ги почитува етичките норми на новинарството, сублимирани и во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија.
Пишува: Сашо Спасоски
Слично како претставувањето при запознавање, претставувањето на новинарот што создал одредена медиумска содржина, без разлика дали станува збор за статија, радио или телевиски прилог, претставува и професионална обврска, но и легитимирање на авторот и заложување на сопствениот професионален интегритет во обид да го увери читателот дека пред него стои професионален труд, подготвен според новинарските стандарди.
Според новинарските норми, потписот всушност е наведување на името и презимето на авторот на почетокот или на крајот на статијата, или пак, на почетокот или крајот на телевизискиот или радио прилогот. Во случај на весниците и онлајн медиумите, кога станува збор за жанровите како коментар или анализа, честопати потписот е придружен и со портрет на авторот или авторите. Во одредени случаи пак, кога станува збор за став на редакцијата, потписот е со името на медиумот.
А ако е во прашање пренесена агенциска вест, неизоставно треба да се наведе името на агенцијата, односно таа „да се потпише“. Така на пример, кога се презема статија, од друг медиум, задолжително е да се наведе името и презимето или иницијалите на авторот, заедно со името на медиумот чија содржина се презема.
Во времето на експлозија на онлајн медиумите на македонски, албански и некои од другите јазици што се употребуваат на територијата на Македонија, кое е одбележано со многубројни дезинформации и „препишување“, потпишувањето на новинарските творби објавени на интернет е реткост. Секако, има одредени исклучоци што мора да се одбележат, како “Порталб.мк” „СДК“, „Плусинфо“, „МКД“ и неколку други, каде најголемиот дел од статиите од различните жанрови имаат потпис. Тоа, кај овие новински сајтови, е придружено со објавениот импресум, кој, како што веќе пишувавме, ги дава податоците за издавачот, адресата на медиумот, уредничкиот и новинарскиот состав, како и уредникот на фотографија и лекторот.
Ставајќи ги своето име и презиме или само иницијалите – во случај на помали по обем новинарски производи, новинарот пред читателот, слушателот или гледачот презема одговорност со својот професионален интегритет дека ќе го информира и едуцира според новинарските стандарди, односно дава своевидна гаранција дека ги почитува етичките норми на новинарството, сублимирани и во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија.
Истовремено, потписот недвосмислено назначува и дека станува збор за авторски труд, а не за „препишана“ содржина, односно содржина украдена од друг медиум.