Повик за насилство од новинар кон новинар е срам за професијата, но и кривично дело

 

Кога новинар посакува да ѝ се случи насилство на друга новинарка, тоа е силеџиско однесување, типичен пример за говор на омраза и дискредитација на целата новинарска заедница. Претставниците на оваа професија, чија задача освен да информираат им е и да едуцираат, никако не смеат да имаат непримерна комуникација со јавноста.

Новинарот Цветин Чилиманов, кој долги години работи во државната новинска агенција МИА, со примитивен и вулгарен речник, полн со говор на омраза ѝ се обрати на новинарката на „Фајненшел тајмс“, Валери Хопкинс.

Тој на социјалната мрежа, од нигде никаде, само затоа што не му се допаѓа тоа што го пишува Хопкинс, инаку гостинка во Македонија, повика да ѝ се случи сцена од филмот „Самоуништување“,која е во најмала рака безвкусна, навредлива, понижувачка, но и опасна.

Новинарскиот збор има голема тежина, па затоа за неговиот твит треба да има повеќе одговорност. Се поставува прашањето што ќе се случеше доколку на новинарката Хопкинс навистина ѝ се случеше таков немил настан за кој повика Чилиманов? Кој ќе преземеше одговорност за неговата „шега“?

Новинарите, освен со креирањето на своите новинарски дела, треба да се особено внимателни што објавуваат на социјалните мрежи и што изјавуваат во јавноста затоа што тие ја информираат публиката.

Членот 10 од Кодексот на новинарите е кристално јасен по ова прашање:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

На овој згрозувачки потег на Чилиманов реагираа ЗНМ, ССНМ и СЕММ, Владата, американскиот амбасадор Џес Бејли, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир. Реакција стигна и од МИА, која прво се огради од твитот, а потоа и го суспендира Чилиманов.

Единствената осуда што изостана е таа од другото новинарско здружение, МАН – Македонската асоцијација на медиуми, чиј потпретседател е токму Чилиманов. Оттаму, наместо новинарот што повика на насилство, го осудија директорот на МИА за суспензијата на Чилиманов и го обвинуваат за мобинг, притисок и дискриминација. За написот на Чилиманов велат дека е „личен став“.

Ставовите на Цветин Чилиманов изразени преку негови постови на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“ се негови ставови изразени на личен профил, а не на платформа на МИА или профилите на Агенцијата на социјалните мрежи. Чилиманов не го прекршил ниту Законот за работни односи, ниту систематизацијата за работа на МИА, па оттука, незаконска е одлуката за негова суспензија.

Реакција недостасува и од Јавното обвинителство, кое по допрен глас може да покрене постапка, бидејќи говорот на омраза е кривично дело.

Чилиманов не се извини за напишаното ниту изрази каење, туку, напротив, тој се расправаше и објаснуваше на социјалните мрежи со сите што кои го осудија неговиот потег. Такво однесување, без разлика што е на приватни профили на социјалните мрежи, е недолично, неетичко, неприфатливо и во целост ја дискредитира и омаловажува новинарската професија.