Повторно се препорачува „лекување“ од ковид-19 со солена вода, лук, ѓумбир и топла пилешка супа

Објави во медиумите и на социјалните мрежи шират дезинформации дека корона-вирусот може да се победи само со употреба на солена вода, самоизолација во посебна соба, темелно чистење на домот со 75 отстотен алкохол и перење на облеката со вода над 60 степени, како и употреба на лук, ѓумбир, кромид, топла пилешка супа… Ваквите препораки може да го загрозат здравјето на луѓето, кои лекувајќи се со надрилекарски ,,совети” може  да го одложат медицинскиот третман или консултацијата со лекар

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Рецензираме текст објавен на портал, кој пренесува наводно тврдење на лекар од Кина, професор Вонг Кин Чунг во Хонг Конг.

Порталот тврди дека лекарот Чунг не препорачува никаков лек против корона-вирусот и дека дури ниту во болница „нема да добиете третман специјално насочен кон корона-вирусот“.

Според текстот, треба „само да употребувате солена вода, самоизолација во посебна соба, темелно чистење на домот со 75 отстотен алкохол и перење на облеката со вода над 60 степени, како и употреба на лук, ѓумбир, кромид, топла пилешка супа, мали количини аспирин, консумирање здрава храна и не се стеснувајте да мокрите во нормални количини“.

Но, дали е така?

Овие тврдења беа повремено пласирани во речиси идентични (copy/paste) текстови изминатава година (примери имате овде и овде). Ваквите тврдења на наводниот лекар беа веќе дебанкирани и од проверувачите на факти од Тајван (проверувачите на факти од Taiwan FactCheck Center), бидејќи текстот претходно е објавуван и на други јазици и во други земји, изложувајќи ги во опасност и граѓаните на тие држави.

Дебанкирањето потврди дека објавите во медиумите и на социјалните мрежи шират дезинформации кои може да го загрозат здравјето на луѓето, кои лекувајќи се со надрилекарски „совети” може да го одложат медицинскиот третман или консултацијата со лекар.

Тајванските проверувачи на факти елаборираа за надрилекарскиот начин во третирањето на сериозните компликации предизвикани од ковид-19:

Нема потврда дека наведените состојки можат да заштитат од ковид-19.

Тие го потврдија и лажниот статус на доктор и професор на извесниот Вонг Кин-Чунг (Wong Kin-Chung):

Вонг Кин-Чунг не може да биде потврден како професор по медицина, доктор или нутриционист.

Имено, во дата-базата за медицина „ПабМед“, има два труда со името Вонг Кин Чунг, но ниеден не е поврзан со медицина или исхрана.

Иако ваквите тврдења низ текстови на разни портали датираат уште од пред една година, тие сè уште повторно се (пре)објавуваат, коментираат и се споделуваат на „Фејсбук“.

Ако пациентот со симптоми на инфекција со ковид-19  не побара помош од медицински професионалец, самолекувањето на своја рака може само делумно и на кратко да ги „затскрие“ симптомите предизвикани од опасниот вирус. Но, но не и да пружи вистински лекарски третман и евалуација на здравствената состојба.