Илија Бошков-Крајнички – човекот познат по правењето хороскопи, тврди дека SARS-CоV-2, е бактерија (!), а дека Кремљ предвидува нагло прекинување на присуството на ковид-19 во светот на 1 август
Пишува: Љубомир Костовски
Познатиот креатор на хороскопи Илија Бошков-Крајнички на својот сајт деновиве презентира видео, во кое им се придружува на антиваксерите, со своите доста конфузни напади на дел од она што науката го осозна за оваа измината година и како таа се бори со ковид-19.
Неговото видео е, всушност, пледоаје на друго видео, кое тој го претставува, а кое е настап на српскиот доктор пулмологот, Бранимир Несторовиќ, кого веќе го рецензиравме во „Вистиномер“. Па така, овој лекар и преку астрологот пласира класични ненаучни антиваксерски митови кои сме ги сретнувале во јавноста, но кај него добиваат и некои нови елементи.
Најпрвин еден од нив е дека:
Короната не е вирус, туку дека се работи за бактерија и тоа го докажаа германски научници (1:30 минута од видеото).
Ова секако не е нешто сосема ново на „пазарот на дезинформациите“ кога е ковид -19 во прашање, но подолго време барем кај нас не е чуена во ваква форма, уште повеќе што Крајнички ова го извлекува од сопственото искуство (имено, ампутирана му е едната нога над коленото!).
Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer. rs работеше на комплетно разобличување на таа теза. Како што пренесува и meta.mk ваквите постови се повикуваат на вест од јули 2020 година, според која при обдукциите на телата на починатите од корона-вирусот биле пронајдени згрутчувања на крвта во речиси секој орган.
Се тврди и дека станува збор за бактерија „со која нè прскаат и која ја згрутчува крвта, а не се пренесува од човек на човек, ја згрутчува крвта и тогаш, се разбира, отежнато дишете, и на крајот, всушност, умираат од затнување на крвен сад, односно од мозочен или срцев удар“.
Но, потсетува istiomer.rs, научно е докажано дека болеста ковид-19 ја предизвикува вирус од семејството Coronaviridae, а не бактерија, што го потврдува и Светската здравствена организација (СЗО).
Јасно, нашите граѓани често имаат искуство кога матичните лекари им препишуваат антибиотици (насочени кон борба против бактериска инфекција), но тоа се прави од страв дека телото кое е нападнато од вирусот на короната не може да се бори на два фронта – кон бактериска инфекција, која веќе ја има (во 6:18 минута на видеото). Во однос на личното искуство на астрологот треба да се нагласи дека компликациите во вид на згрутчување на крвта се многу присутни кај заразените со SARS-CоV-2, но тоа нема никаква врска со дезинформацијата дека болеста ковид-19 е предизвикана од бактерија. Дури кај 31 отсто од заболените од ковид-19, според индискиот пребарувач на невистини – The Logical Indian.
Во видеото на Крајнички се цитира д-р Несторовиќ (во 3:20 минута) со тврдење дека руската влада предвидела оти од 1 август ќе го снема вирусот. Тој го цитира Несторовиќ (тоа видео е во прилог на неговото и овој дел почнува во 30 минута), кој тврди дека потпретседателката на руската влада рекла дека дејството на овој вирус и на другите вируси (модифицираните, претпоставуаме) ќе престанат на 1 август, можеби и порано.
Оваа изјава на овој доктор за емисијата „Глас јавности“, едноставно, не е точна!
Имено, тој наводно ја цитира руската потпретседателка, но не дава никакви детали за тоа. Напротив, потпретседателката на руската Влада, која се вика Татјана Голикова и која насекаде ја промовира вакцината „Спутњик V“, шетајќи ширум Руската Федерација, никаде не тврди дека пандемијата ќе престане, а уште помалку не пропагира вакцинацијата да престане. Напротив, таа очекува до крајот на март во Русија да бидат вакцинирани 20 милиони Руси (вакцинацијата во оваа земја е доброволна). Вистина е дека не препорачува вакцинирање на оние што биле еднаш заболени, тврдејќи дека тие повторно нема да заболат.
Факт е, според Голикова, како што е кажано во интервјуто за „Русија 1“, дека годинава е можно да се стекне имунитет на стадото, но само ако продолжат сите мерки на превенција (носење маски, ракавици и, се разбира, вакцинирање кај тие што не заболеле). Таа говори со јазикот на бројките, со тоа колку нивната фармацевтска индустрија ќе успее да произведе и да понуди на пазарот. Нејасно е, зошто тоа би го правела ако мисли дека болеста нагло ќе секне или уште повеќе зошто би ги терала руските граѓани да се вакцинираат помасовно, бидејќи очигледно на тој план резултатите не се спектакуларни и таму кај нив!
Ставот на д-р Несторовиќ, споменат и од хороскопџијата Крајнишки, едноставно не е заснован на тврдења на какви било авторитети, а таквите тези се опасни со оглед на тоа што стануваат дел од реториката на антиваксерската „пандемија“.