Задолжителната вакцинација не е физички напад и кривично дело

Овoј пост е дел од кампањата против вакцините и вакцинирањето, којашто масовно се шири преку различни типови лажни објави на социјални мрежи. Освен што задолжителната вакцинација се спроведува според закон, таа се спроведува и согласно Уставот. Важна информација што треба да ја знае јавноста за да не подлегнува на манипулации е дека вакцинирањето против новиот коронавирус се врши на доброволна основа, а не е задолжително и таа вакцина не е влезена во задолжителниот календар за вакцинација, ниту во кој било закон

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Фејсбук-објава тврди дека задолжителната вакцинација е кривично дело. Притоа, употребувајќи недоличен речник, процесот на вакцинирање го споредува со силување и злоставување, паралели кои во најмала рака се невкусни и несоодветни.

Ако некој ти напика к** без твоја дозвола, тоа е силување. Ако некој ти збрца нож без твоја дозвола, тоа е обид за убиство. Ако некој ти забоде игла без твоја согласност, тоа е физички напад.

Да не се лажеме – задолжителна вакцинација е кривично дело.

Не е вистина дека задолжителната вакцинација е физички напад и кривично дело. Таа се врши со закон и помага да се стават во контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка што директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) велат дека вакцинирањето спречува два-три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Благодарение на имунизацијата многу заразни болести што во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици. Вакцините се од клучно значење за спречување и контрола на епидемии на заразни болести.

Со вакцинирањето не се заштитуваме само себе, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата, како тие што се сериозно болни, кои имаат одредени алергии и многу мали бебиња, се советуваат да не примаат одредени вакцини – така што тие зависат од другите, кои треба да се вакцинираат и да помогнат да се намали ширењето на болести.

Особено невистинито е тврдењето дека „ако некој ти забоде игла без твоја согласност, тоа е физички напад“. Медицинските лица не се шетаат со игли низ улици и не ги бодат граѓаните за да може да се извлече вакво тврдење и да се шири по социјални мрежи. Никој никому не забодува игла без согласност. Доколку, и покрај сите информации за корисноста на вакцините, некој одлучи да не се вакцинира, ќе треба да плати парична казна.

Освен што задолжителната вакцинација се спроведува според закон, таа се спроведува и согласно Уставот. Ова го потврди и Уставниот суд во одлука која ја донесе пред две години по Иницијативата во која се бараше укинување на задолжителната вакцинација.

Според мислењето на Судот, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на  државата. Уставниот суд одлучи дека обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејства кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет (член 11 од Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот. Имено, целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести, а пак, заштитата на здравјето на децата и заштитата од заразни болести од уставен аспект ја оправдуваат задолжителната вакцинација на определена возраст.

Важна информација која треба да ја знае јавноста за да не подлегнува на манипулации е дека вакцинирањето против новиот корона-вирус се врши на доброволна основа, а не е задолжително и  таа вакцина не е влезена во задолжителниот календар за вакцинација, ниту во кој било закон.

Оваа објава е дел од кампањата против вакцините и вакцинирањето што масовно се шири преку различни типови на лажни објави на социјални мрежи. Вакви манипулации имаат цел да ја убедат јавноста дека вакцините се штетни и да го одвратат населението од вакцинирање и заштита од многубројни опасни болести, меѓу кои и ковид-19.