Премиерот Зоран Заев не преминал во протестантизам

Невистинито и манипулативно е тврдењето во постот кој го рецензираме, споделен во групата ,,Бојкотирам”, а во кој се вели дека премиерот Зоран Заев со неговото семејство преминале во протестантизам и ја напуштиле православната вера.

Оваа муртинска фамилија за пари се откажа од православната вера и премина во нововерство (протестантската секта евангелизам, методизам)! Додека нашите фамилии се бореа против Бугарите, овие нововерци си ја продадоа верата! Е затоа на нив им е лесно да ја распродаваат нашата историја на Бугарите! Затоа што кога ние се боревме со Бугарите, тие си ја продаваа верата!, се тврди во рецензираниот пост.

Освен што изобилува со манипулации, изедначување меѓу припадност кон верска заедница и нација, овој пост пропагира и верска нетолеранција и лажно инсинуира дека доколку некој припаѓа на различна вера од православната, тогаш нему му е лесно да ја распродава историјата. Комплетно неиздржано се додава и дека некој ја продавал верата додека друг се борел со Бугарите. Едното со другото не се поврзани, никој не продал ничија вера, а премиерот Зоран Заев воопшто не е припадник на протестантската деноминација. Невистинито е и тврдењето дека преминувањето во протестантизмот (кое никогаш не се случило), било направено ,,за пари”. За забележување е и тонот на верска нетолеранција со кој што на верска заедница која е влезена во Уставот на Република Северна Македонија и се дава негативниот епитет ,,секта”. 

Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија,Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон, пишува во Уставот.

Вистиномер се обрати до Заев со прашање од кога датира фотографијата и дали е точно дека со неговото семејство преминале во протестантската деноминација. Оценивме дека иако верските чувства се интимни и приватни, сепак јавните функционери се предмет на поголема опсервација од страна на јавноста, па така правото на јавноста да знае е повисоко право од правото на приватноста на функционерот. Побаравме и образложение од кога датира фотографијата со која се манипулира во постот кој го рецензираме, како и опис на настанот на кој присуствувал Заев.

Апсолутно не е точно. Фамилијата Заеви се православни христијани, а за тоа говорат очигледни показатиле кои се белег на православието, а тоа е дека Заеви имаат кумови и се кумови, а нивните починати во рамки на фамилијата се погребуваат на православните гробишта. Сликата со фамилијата е од Бадник 2020 година, ни одговорија од кабинетот на премиерот.

При оценувањето на вистинитоста на овој пост, треба да се земат предвид и значителниот број вести и фотографии, достапни преку обично Гугл пребарување, на кои јасно се гледа и во кои се говори за присуството на премиерот Заев, понекогаш и во придружба на членови од неговото семејство, во православните цркви ширум државата при пославата на православните празници во текот на сите години откако тој е на политичка функција како пратеник, лидер на СДСМ или премиер. На некои од овие фотографии може да се види и како премиерот практикува верски обреди кои се дел до доктрината на православната вера.

Сето ова покажува дека премиерот и неговото семејство никогаш не биле протестанти и никогаш не преминале во оваа деноминација, што, пак, значи дека постот што го рецензираме е невистинит и претставува дезинформација.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.