Проблемот со терминот „нуклеарен бомбардер“

 

[Рецензија: ОД УТРЕ НУКЛЕAPEH БОМБAPДЕР ЌЕ ЈА НАДЛЕТУВА МАКЕДОНИЈА: На Криволак започнува поceриозните содржини на вoeната вежба Oдлучен удap]

 

Насловот на текстот што го рецензираме „бомбардира“ со манипулација, бидејќи поимот „нуклеарен бомбардер“ е неодреден и со него се шират невистини или барем недоречености и нејасностии за воената вежба „Одлучен удар“. Поимот „нуклеарен бомбардер“ може да предизвика страв кај граѓаните дека здравјето и безбедноста се загрозени со неговото надлетување. Но, има разлика помеѓу надлетување и учество во воена вежба на авионите Б-52, на кои се мисли во текстот кога се употребува синтагмата „нуклеарен бомбардер“. Токму за да се надминат ваквите можни забуни и нејасностии, кога се именува овој и другите слични борбени авиони се користи терминот „стратегиски бомбардер“.

Линк до оригиналниот напис: ОД УТРЕ НУКЛЕAPEH БОМБAPДЕР ЌЕ ЈА НАДЛЕТУВА МАКЕДОНИЈА: На Криволак започнува поceриозните содржини на вoeната вежба Oдлучен удap

Датум на објавување:  7 јуни 2019

Датум на рецензија: 12 јуни 2019

Рецензент: Силвана Жежова

Насловот и текстот не се компатибилни, бидејќи во текстот се изнесуваат информации што се однесуваат на вежбата „Одлучен удар“, за во која не е најавено никакво учество на некаков си „нуклеарен бомбардер“.

На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со бојно гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери, информираа од Генералштаб на АРМ.

На крајот на текстот се споменува и терминот „нуклеарен капацитет“, но повторно и тоа е нејасно што точно значи. Како што не е најјасен и терминот „нуклеарен бомбардер“ за кој во веста нема никакво дообјаснување. Ако се мислело бомбардер на нуклеарен погон, такво нешто не постои. Нуклеарна подморница, на пример, во која има мал нуклеарен реактор, кој ѝ овозможува долго да се задржи под вода постои. Но, „нуклеарен бомбардер“, кој би летал на истиот принцип, не постои. Ако под „нуклеарен“ се мисли на можноста овој бомбардер да носи нуклеарно оружје, тогаш, со денешната технологија и димензиите на ваквото оружје, редица авиони во воените воздухопловства на нуклеарните сили ја имаат оваа способност. Да не говориме за фактот дека и редица други воени и цивилни авиони можат да се приспособат за истата намена.

Инаку, авионите бомбардери Б-52 на американското воено воздухопловство (B52 Stratofortress), кои се спомнати во написот, на фотографијата се снимени во мисија на полнење керозин на помалите борбени авиони, значи бензински пумпи во воздух. Притоа, тие не ја надлетуваат државата (не им е тоа основната задача), туку учествуваат во воената вежба, која почна на 5 јуни и ќе трае до 9 јули.

Ова не е прв пат во медиумите да се шпекулира со информации за воените вежби што се одржуваат на Криволак, при што, се изнесуваат невистини за наводна употреба на осиромашен ураниум. Оттука и во информациите на Генералштабот на АРМ, во однос на вежбата „Одлучен удар“ се потенцира дека муницијата што се користи при вежбите е без осиромашен ураниум.

„На гаѓањата ќе се користи ’обична‘, конвенционална муниција, но не и зрна со осиромашен ураниум“, информираа од Генералштабот на АРМ.

Во овој текст е нарушено новинарското правило насловот да произлезе од содржината на текстот и накратко да информира за она за што поопширно се известува. Наспроти тоа, насловот со својата недореченост и непрецизност (како и граматички грешки) може да се сфати како дезинформација и да креира страв кај граѓаните, односно некои од нив да помислат дека бомбардер наполнет со нуклеарни бомби ќе лета над државата.