Протестите во Белорисија немаат никаква врска со ковид 19, СЗО и ММФ

Пост на приватен ФБ-профил, објавен со наслов „Реални вести за Белорусија“, наведува на искривено мислење во јавноста со пласирање на со ништо поткрепени тврдења за вистинските причини во однос на моментната политичка криза во таа земја:

Бидејќи ова нема да го видите на ниту едни вести и инфо-програма да ви кажам во кратки црти што се случува…
/Пред едно стотина дена (три и пол месеци) на Лукашенко (стар и новоизбран претседател со над 80% од гласовите) WHO – Светска здраВствена организација му понудила 82.000.000 еур за да спроведе „Италијанско корона-сценарио“ откако тој одбил категорично и ги избркал емисарите, преку посредници (руски олигарси) му биле понудени 110.000.000 еур, ако ништо друго барем да се приклучи на општата светска кампања „Короната коси“ и „Остани дома спаси живот“ …Откако го одбил и тој предлог, Претставници на ММФ му понудиле 500.000.000 $ НЕПОВРАТНИ ИНВЕСТИЦИИ за развој на белоруската економија и особено поморство и пловидба…

Постот што завршува со „според моето мислење овој Патриот и Националист ќе победи и ќе го спаси својот народ од ‘Украинско сценарио‘ и ‘Либиски преврат‘. Му посакувам среќа, успех и Бог да му е напомош“, во моментот на проверка на тврдењата има близу 520 споделувања, 130 коментари и над илјада допаѓања.

Текстот во постот упатува на две сугестии до читателите. Едната е дека постои меѓународен заговор, спроведуван од светски институции какви што се Светската здравствена организација (СЗО), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и други, за имплементација на „Италијанско корона-сценарио“, без јасно назначена цел. Втората сугестија е дека ако некој не соработува со овие организации, ќе го снајде тоа што го снајде белорускиот претседател Александар Лукашенко, демек широка политичка дестабилизација во земјата со цел да го срушат од власт.

Најпрвин, нејасно е зошто ова би ѝ се случило баш на Белорусија. Во текот на пандемијата имаше и други, многу поважни и поголеми земји што криеја податоци за бројот на заразените лица на нивната територија. На сите ни е познато дека Кина, на пример, беше особено таинствена по ова прашање на почетокот на епидемијата во оваа земја. И тоа и во однос на СЗО, како што потврдува и најновото истражување на Асошиетед прес. Исто така, претседателот на Русија, Владимир Путин, до минатиот месец инсистираше оти бројот на заболени во оваа земја е далеку помал од реалниот, а уште во март светските медиуми се прашуваа зошто Русија објавува толку мали цифри за бројот на заболените од ковид 19. Значи ли ова дека лидерите на Кина и Русија во меѓувреме подлегнале на исти вакви понуди за стотици милиони или милијарди евра или долари, па затоа во нивните земји немаше „италијански корона-сценарија“? Значи ли дека кинеските и руските лидери, сепак, на крајот биле поткупени и сега се во џебот на овие непознати мрачни сили?

Понатаму, СЗО е основана уште во 1948 година со цел да работи на искоренувањето на заразните болести на глобален план (член 2, став г до Уставот на СЗО). Ова е првпат да слушнеме дека тоа, всушност, не била целта (една од многуте) за постоењето на оваа организација. Напротив, според оваа теорија на заговор испаѓа дека на СЗО ѝ било поважно да шири и измислува болести онаму каде што ги нема. Што е сосема спротивно од нејзината јавно објавена мисија. Па, тоа да беше така, изминативе 72 години постоење на СЗО сигурно досега ќе имавме барем некакви сомневања дека оваа организација, всушност, работи на тоа опасни болести што повеќе да се шират низ светот, како и дека измислува непостојни болести поради некакви никому познати мрачни цели. И конечно, тоа е најголемиот проблем со оваа теорија на заговор. Комплетно е нејасно која е крајната цел на овие непознати мрачни сили и каква корист би имале тие со измислување на непостојна болест и терање на земјите во светот да се борат против наводно измислена болест. За која многу добро знаеме дека е реална, зашто од ковид 19 досега се заболени 22,6 милиони луѓе ширум светот, а речиси 800 илјади го изгубија животот. Но, да ги видиме фактите.

НЕМА НИ ПРИБЛИЖНИ ОФИЦИЈАЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПАРИТЕ 

Брза проверка на односите на споменатите институции СЗО и ММФ со Белорусија укажува дека податоците што се наведени во текстот се измислени или се преземени од некој друг извор, кој не е наведен и не може да се провери.

На пример, ако се пребара на веб-страницата на СЗО за сите односи со Белорусија, може да се види дека таа земја е членка од раните деведесетти години, дека има претставник на СЗО во Минск и регионални канцеларии. Ако се погледне подлабоко, Белорусија, оваа година, и тоа во јули, има склучено двегодешен договор за соработка со СЗО Европа, каде што припаѓа. Во врска со пандемијата и состојбата во Белорусија, експертски тим на СЗО престојувал во повеќедневна посета на земјата при крајот на април, по што, откако посетиле повеќе здравствени установи и се сретнале со белоруски претставници од повеќе институции, издале препорака и понудиле техничка помош. На крајот на јули претставници на СЗО Европа донеле хуманитарна помош за областа Минск…

Како што може да се види, и покрај почетното одбивање на Лукашенко да поверува во корона-вирусот, веќе кон крајот на април властите во оваа земја соработуваат со СЗО и до денес, и покрај одредени разлики во одговорот против корона-вирусот, никакви 82 милиона евра не можат да се пронајдат како податок.

Соработката на Белорусија со Меѓународниот монетарен фонд е, исто така, долгодецениска. Оваа земја досега повеќепати побарала и добила помали и поголеми износи на милионски суми долари, но последната таква транскација била во 2015 година. (Извештајот на ММФ е заклучно 31.6.2020 година).

Вистина е дека откако ММФ во пролетта 2020 г. сподели информација дека обезбедила милијарди долари за брзо кредитирање за над 120 земји за справување со корона-кризата, Белорусија побарала над 900 милиони долари, наместо 500 милиони што ѝ биле понудени, како што се наведува во ФБ-постот што го проверувавме. Во мај, како што може да се види од прес-брифингот во ММФ, за белоруското барање сѐ уште се расправало, а до 19 август, според податоците на ММФ, Белорусија не е корисник на овие средства.

ЛУКАШЕНКО НЕ САКАЛ ПОРЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ

Причината зошто, може да се види од извештајот на белоруската агенција БЕЛТА, од 19 јуни 2020 година. На Лукашенко му биле неприфатливи „дополнителните условувања“ за спроведување порестриктивни мерки против корона-вирусот како што се „карантин, изолација, полициски час“ за да добие брзо кредитирање од 940 милиони долари од ММФ. Наместо тоа Лукашенко сугерира дека Светска банка била позаинтересирана, а со помалку услови…

* * *

Конечно, постот на ФБ завршува со невистини дека НАТО ѝ се заканува на Белорусија, но дека Лукашенко „облекол воена униформа“ (уште една невистина проследена со фотографија стара две години) и дека патриотот Лукашенко ќе ја спасел земјата од „Украинско“ или „Либиско сценарио“.

Но, дури и просечно информиран читател може да заклучи дека кризата во Белорусија нема врска со корона кризата. Политичките проблеми во земјата раснеа како одминуваа годините на шефување со земјата на еден ист човек, Лукашенко, а станува збор за 26 години! (vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.