Видео без проверливи факти искористено за пост со говор на омраза што може да предизвика насилство од омраза

Видео што содржи чин на насилство, но за кое не се утврдени фактите и на чие разрешување работи МВР, беше контекстуализирано во пост на „Фејсбук“ со невистинити тврдења, кој може да предизвика насилство од омраза

Јавно достапен пост на фејсбук-корисник сугерира неутврдени факти за наводно насилство од омраза, од кои може да произлезе друго насилство од омраза:

Тик-Ток актуелности.

Застануваш Македонци по улица и ги шамараш и боксираш. Тоа ли е во мода сега во државата „Едно опшесво за сите”?

Ова ли е мирот и стабилноста која ја обезбеди Зоран Заев лижејќи кај албанците и газејќи кај Македонците?

Да се плашиш дете по улица да пуштиш, браво на достигнувањата

Постот се однесува на видео со логото на социјалната мрежа „Тик-ток“, реобјавено на „Фејсбук“, кое беше прилично вирално (многупати прегледано и споделувано и на други социјални мрежи), а беше споменувано и на традиционалните медиуми, телевизиите и онлајн-медиумите.

За самото видео се огласи и Министерството за внатрешни работи, кое кратко соопшти дека „постапува за расчистување на случајот“, односно спроведува истрага за тоа кој го снимил и постирал видеото, како и за тоа каде е снимен настанот и кога.

Оттука, факт е дека немаме факти за видеото на кое се гледа насилство кон некое момче што држи некаква кеса во рака. Во позадина оди традиционална музика за која се чини дека е на албански јазик и две знаменца, македонско, намонтирано до тепаното момче и албанско, намонтирано до раката на тепачот. Можеби да е така како што изгледа, а можеби и не.

При таква констелација, се соочуваме со пост на „Фејсбук“ во кој може да се детектира говор на омраза по два основи, политичка и национална.

„Застануваш Македонци по улица и ги шамараш и боксираш. Тоа ли е во мода сега во државата ‘Едно опшесво за сите’. Тука нема факти. Јавноста не може да знае дали момчето, кое е удрено два пати (колку што удари се гледаат на овој видеоклип), е Македонец, ниту, пак, може да знае кои се причините за ударите.

„Ова ли е мирот и стабилноста што ја обезбеди Зоран Заев лижејќи кај албанците и газејќи кај Македонците?“ Тука има говор на омраза од политички побуди – „лижејќи кај албанците“ и „газејќи кај Македонците“ – при што се алудира на парламентарното мнозинство составено од СДСМ и ДУИ. Освен тоа и еден мал детал, кој не е безначаен. Зборот „албанци“ е напишан со мала, а зборот „Mакедонци“ со голема буква, што е уште една алузија на тоа дека не се сите граѓани во држвата подеднакви, односно се детектира говор на омраза поради етничка припадност.

Понатаму, ова видео нема врска со „мирот и стабилноста која ја обезбеди Зоран Заев лижејќи кај албанците и газејќи кај Македонците“. Како што е познато, од 3 јануари годинава до скоро, значи веќе речиси осум месеци, во РС Македонија имаше техничка Влада, во која Заев не е член. Уште повеќе, во таа влада имаше министри и заменик- министри од повеќе партии, меѓу кои и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од македонскиот блок, на пример, при што министер за внатрешни работи, во чиј ресор спаѓаат кривичните дела (какво што е ова од овој видеоклип) беше Наќе Чулев, кој е токму до редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

И конечно, врз основа на видеото, за кое немаме факти, се шири страв и паника кај дел од јавноста, со реченицата од постот „да се плашиш дете по улица да пуштиш, браво на достигнувањата“.

Покрај тоа што оваа реченица шири страв и паника, таа има проблем со вистинитоста, зашто фактите во однос на безбедноста во РС Македонија говорат нешто сосема друго. Тврдењето „да се плашиш дете по улица да пуштиш“ е сосема неточно и невистинито. Компаративните статистики на Европското статистичко биро, „Евростат“, покажуваат дека во 2017 година (последните податоци што земјава ги доставила до Евростат) има само 1,21 убиства на 100 илјади жители со што РС Македонија е на 16-то место од 38 земји, при што оваа бројка е помала од земји какви што се Франција, Финска, Романија, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Косово и други. Кога станува збор, пак, за кражбите, во 2014 година (исто последните податоци што земјава го доставила до Евростат), РС Македонија е дури на 35-то место од 37-те земји со 242 кражби на 100 илјади жители, што значи дека од нашата земја пониско ниво на кражби имаат само две други европски земји. Сите други се полошо рангирани. Ваквите бројки покажуваат дека криминалот во РС Македонија е или на средина или во долниот дел на табелата меѓу другите европски земји, чии статистики ги следи Евростат. Ова, пак, значи дека и покрај ова заплашувачко видео, кое, сепак, не ја покажува целосната слика, нивото на криминал кај нас не се разликува од она во другите европски земји. Поради сето тоа, сметаме дека тврдењето „да се плашиш дете по улица да пуштиш“ е неточно.

Познато е дека насилството од омраза во најголем број случаи потекнува од говор на омраза. Бидејќи постот содржи наведувачки „факти“, кои не можат да се дознаат од видеото, не е невозможно ваквите постови да предизвикаат насилство од омраза. На ова сугерираат и дел од коментарите објавени под постот. (vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.