Разликите и сличностите помеѓу новинарството и односите со јавноста

Фото: Фло Дам, Pexels

Новинарството и односите со јавноста имаат многу сличности, но и многу разлики. Двете професии се во постојана комуникација со јавноста. Тие раскажуваат приказни и комуницираат со публиката, што доведува до друга сличност, градење доверба. И во двете професии за да се биде успешен, мора да се изгради кредибилитет и доверба

 

Пишува Ајнур Бафќари

Новинарите ја градат довербата со тоа што известуваат и објавуваат правилна и точна содржина за да бидат препознаени како веродостојни пренесувачи и извори на информација. Покрај кредибилитетот, службите за односите со јавноста, пак, градат доверба да ја информираат и убедат целната публика да поддржува организација или производ. Постојат и други сличности меѓу овие две професии, како што се пренесување информации на лесно разбирлив начин.

Објективноста и субјективноста

Но, колку и да се слични, постојат некои големи разлики што мора да се почитуваат за да бидете што е можно попрофесионални во својата работа. Во односите со јавноста, професионалците се насочуваат кон специфична публика за да пренесат порака и да градат поддршка за бренд, производ или идеја. Од друга страна, новинарството има своја, придобиена публика, па новинарите не мора да се насочуваат кон целна публика, бидејќи тоа што го објавуваат, односно вестите, се од јавен интерес.

Новинарите имаат поголема слобода да раскажуваат стории, бидејќи постојано бараат и привлекуваат идеи. Но, во светот на односите со јавноста, професионалците работат за клиентот, тие треба да ги променат своите идеи и приказни во согласност со брендот и да кажат што ја интересира целната публика. Најголемата разлика во обете индустрии е тоа што односите со јавноста обично се субјективни, а новинарството секогаш мора да биде објективно.

Загубен пат во рамките на професијата

Новинарството и понатаму е професија во која, пред сè, се бара објективност. Со доаѓањето на интернетот и создавањето веб-страници, честопати објективноста згаснува и се појавува улогата на новинар кој се претвора во професионалец за односи со јавноста.

Во овој век, политичките партии ги гледаат медиумите повеќе како механизам да ја убедат целната група да освојат што е можно повеќе гласови и да ја „рекламираат“ својата работа, а со тоа и повеќето електронски медиуми забораваат на разликите меѓу односите со јавноста и новинарството и се во служба на одредена политичка партија.

Во нашата земја имаме редица електронски медиуми, кои својата активност ја насочуваат кон промовирање на работата на одредена политичка партија, додека „напаѓаат“ друга партија во корист на првата. Еве неколку примери.

Линкови до написите:
Ali Ahmeti: BDI ngadhnjen sepse ngërthen në vete gjenerata të tëra sakrificash e veprimesh „Али Ахмети: ДУИ триумфира бидејќи со себе носи неколку генерации на жртвување и акции“, пишува Indeks.mk

Kur Osmani udhëheq me seancën e Qeveris, miratohen vendime në dobi të shqiptarëve
„Кога Османи предводи со седница на Владата, се носат одлуки за доброто на Албанците“, пишува „Актуале.мк“.

Ju kurrë s’u dogjët për vete, por dogjët shqiptarët

„Вие никогаш не се изгоревте самите себеси, туку ги изгоревте Албанците“, пишува „Фол“.

Kasami me mesazh të fuqishëm: Me 12 prill ti themi mjaft BDI-së, është koha për opozitën shqiptare

„Касами со силна порака: На 12 април да им кажеме доста на ДУИ, време е за албанската опозиција“, пишува „Албањуз“.

VATRA JONË” NJËRA NDËR PROGRAMET MË TË ZËSHME DHE FUQIZUESE TEK SHQIPTARËT
„Наше огниште“: Една од најгласните и најсилните програми кај Албанците, пишува „Патот кон“.

“Si ja “trusi” Grubi Musës për 50 euro !?”
„Како му ја ’бапна‘ Груби на Муса за 50 евра?!“, пишува „Шќипмедиа“.

Ова се само неколку примери што ги даваме, но тие не се единствените. Се разбира, ако одите на линковите, ќе можете да видите кој од електронските медиуми „на чија мелница ја носи водата“. Некои од дадените примери често доведуваат до збунувачки информации, но ако прочитате неколку статии, веднаш добивате јасна слика дека професијата новинарство е измешана со професијата односи со јавноста. Новинарите што дејствуваат на овој начин ги кршат принципите на новинарскиот кодекс, во кој се вели:

„Известувањето за политичките процеси, особено за изборите, мора да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионално растојание од политичките субјекти“.

Термините за рекламирање не спаѓаат во новинарството!

За конкретен настан или активност на една институција, медиумите не е доволно само да известуваат. Првично, дури и за таа објава или информација, медиумите мора да ја потврдат точноста на деталите, да ги отстранат промотивните термини и помпезноста што на информациите им ги даваат секторите за односи со јавноста.

Освен тоа, медиумите треба да истражат уште подлабоко за да ги откријат сите околности и другите елементи поврзани со одлуката или настанот за кој станува збор. Медиумите, исто така, треба да заземат став од втората страна доколку има нешто што се поврзува со веста, како и со третата страна, каде што обично се категории граѓани што се занимаваат со одредена одлука или активност.

Медиумите потоа треба да ги следат реализацијата и развојот на оваа одлука или проект. Со цел читателите да разликуваат дали станува збор за медиумски производ или едноставна информација, треба да потврдат дали материјалот, текстот, информацијата ги користи и другите елементи споменати погоре, кои се составен дел од професионалните правила во новинарството.