[Рецензија: Тинејџери сами влегоа во скривницата на Тито на Скопска Црна Гора – Еве што најдоа внатре]
Текстот што е предмет на оваа рецензија содржи вест стара една година, а се пласира како нова и актуелна.
Линк до оригиналниот напис: Тинејџери сами влегоа во скривницата на Тито на Скопска Црна Гора – Еве што најдоа внатре
Датум и време на објавување: 12.12.2018
Датум на рецензирање: 20.12.2018
Рецензент: Ана Анастасовска
Најпрвин, самиот наслов е проблематичен. Медиумите постојано ги прават насловите ударни и ефективни со цел да ја „продадат“ веста, но тоа не смее да се прави на сметка на вистината. Имено, не станува збор за „скривницата на Тито“, туку за напуштен воен бункер. И авторите на видеоклипот од бункерот, врз кој се темели овој текст не го викаат „скривницата на Тито“, туку, едноставно „напуштен бункер“. Вакви бункери во поранешна Југославија имало повеќе. Некои сè уште се користат од армиите на новонастанатите држави, а други се напуштени, каков што е случајот со овој.
Тешко е да се поверува дека токму во овој бункер било предвидено да се крие Јосип Броз Тито во случај на војна. Тој не е ниту најголем од бункерите на поранешна Југославија, ниту, пак, најопремен. На пример, бункерот во Коњиц, кој, исто така, се вика „бункерот на Тито“ е далеку поголем, поопремен и може да издржи и нуклеарен удар. Во секој случај, нема никакви назнаки или аргументи во текстот дека токму овој бункер би бил користен од Јосип Броз Тито. Еве два видеоклипа, првиот од бункерот на Скопска Црна Гора, а вториот во Коњиц. Разликата меѓу нив и според големината и според опременоста веднаш паѓа в очи.
Тука доаѓаме и до вториот проблем со кој се соочува оваа вест. А, тоа е нејзината насловна фотографија. На секој што ќе го погледне видеоклипот веднаш ќе му стане јасно дека таа фотографија нема врска со бункерот на Скопска Црна Гора. Едно пребарување на Гугл веднаш покажува дека насловната фотографија од рецензираниот текст го покажува веќе спомнатиот бункер во Коњиц, а истото се забележува кога ќе се стават и двете фотографии една до друга:
Веста дека тинејџери сами влегле во овој напуштен бункер на Скопска Црна Гора е самата по себе интересна и секако привлечна за читателите. Таа е кратка и содржи видеоклип од нивниот „подвиг“. Но, кога ќе го отворите видеоклипот на каналот „Јутјуб“, ќе видите дека истото е старо две години, односно, тоа првпат е објавено на 16.11.2016 година.
Поаѓајќи од тоа кога е објавено видеото, одлучивме текстот да го побараме на „Гугл“ и откривме дека истиот текст е објавен пред една година. Што значи дека, според новинарските правила и тогаш веста била стара, а камоли сега. И ако тогаш и можело да се прогледа низ прсти, зашто медиумите тогаш веста ја објавиле првпат, сега тоа сигурно не е случај.
Стара вест се објавува повторно и се пласира како нова и актуелна. Реобјавување стари вести може да се врши од различни причини. Понекогаш тие се и легитимни. Како на пример, ако некоја вест повторно се актуализира, ако се случат нови настани поврзани со неа, па е неопходно читателите да се потсетат што се случило во минатото. Но, во таков случај се наведува дека веста е стара и првпат објавена пред една, пет или десет години. Во случајов се работи за пополнување простор и воопшто не е наведено дека станува збор за стара вест. Оваа вест не е врзана со време, односно, за неа на прв поглед не може точно да се каже кога се случила. Според тоа, ако читателот не провери на интернет-пребарувачите, ќе мисли дека е актуелна.
На овој начин, со реобјавување стари вести се прекршува новинарската етика, според која новинарот треба да објавува точни, вистинити и навремени информации, а не да објавува вести кои се стари повеќе од една година.