[Рецензија: Граѓаните револтирани: „Македонија пат“ во зимски сон, само една лента чиста на автопат!]
Станува збор за пример на вест чиј наслов се употребува за да му ја „продаде” веста на читателот на начин што ветува премногу, а содржината, која се состои од вкупно две реченици, која е без извори и која е со речиси иста должина како и насловот, сосема разочарува и не го испорачува тоа што се ветува во насловот. Таа е, едноставно, и премногу штура за да ги задоволи професионалните новинарски стандарди, а со тоа се доведува и во прашање вистиноста на веста зашто таа не ги содржи сите неопходни елементи што би ја зацврстиле нејзината веродостојност.
Линк до оригиналниот напис: Граѓаните револтирани: „Македонија пат“ во зимски сон, само една лента чиста на автопат!
Датум и време на објавување: 16.12.2018
Датум на рецензија: 20.12.2018
Рецензент: Дрилон Салиу
Објавената информација, составена од фотографија од фејсбук-статус преземена од приватен профил, на која може да се види нечиста лента од пат, содржи непроверени информации и тврдења. Во содржината од вкупно две реченици, се вели:
Граѓани реагираат дека и оваа година „Македонија пат“ не си ја врши работата. Сообраќајот се одвива отежнато и на автопат само една лента е чиста од снегот.
Најпрвин, авторот на оваа вест нема дадено основни информации за кој автопат станува збор, кога е објавена оваа фотографија и ако е објавена ден-два претходно, каква е моментната состојба на патот, а нема ни цитирано мислење барем од граѓанинот што ја објавил фотографијата.
Понатаму, во текстот, иако се споменува „Македонија пат“, повторно нема информации дали е побаран став од јавното претпријатие, а камоли да го има таквиот став. Правило во новинарството е кога некој е критикуван на тоа лице или на таа институција, организација, компанија да ѝ се даде можност да ја изнесе и својата страна од приказната. Во првиот дел од насловот се зборува за револтирани граѓани (множина), а во текстот е презентирано мислење на само на еден граѓанин, преземено од социјалните мрежи, без истиот да се контактира и да го образложи својот став за нечистата лента од „анонимниот“ автопат.
Можно е една од лентите на автопатот навистина да не била расчистена, како што се гледа во фотографијата. Сепак, начинот како е обработена веста е несоодветен и нецелосен, а со тоа и непрофесионален. Една вест треба да ги каже точното место каде се случува настанот, точното време (кога е снимена фотографијата) и да има извори. Оваа прекратка вест од две реченици нема доволно содржина за во неа да можат да влезат сите неопходни информации што сочинуваат вест за читателот да добие соодветна и целосна информација за тоа за што се известува.