Наставните програми мора медиумски „да се описменат“

Крајно неопходно е да се ревидираат наставните програми и програмите за медиумска писменост во основното образование и да се внесат содржини за критичко оценување и анализирање на медиумските содржини, а посебно на тие на кои учениците се најмногу изложени – социјалните мрежи и медиумите. Основната медиумска писменост мора да биде предмет во сите одделенија – од градинка до завршните одделенија на основното образование, вклучувајќи ги сите три основни елементи на овој концепт – пристап, анализа и создавање медиумски содржини во сите можни форми.

Ваквите заклучоци беа наведени на завршната конференција на Високата школа за новинарство и односи со јавноста „Медиумската писменост во образованието – Предуслов за младинско учество во општествените и политичките процеси во Македонија“, која се одржа на 18 декември, во Скопје, во рамките на тригодишната програма на Коалицијата за медиумска писменост.

Заклучоците се совпаѓаат со наодите на истражувањето „Основна медумска писменост во Македонија – Обиди за воспоставување основно образование“, кое Високата школа го спроведе со Бирото за развој на образованието. Констатацијата е дека во учебниците за  основно образование – на сите јазици на кои се пренесуваат овие лекции, се предава за стари медиумски содржини и тоа мора итно да се коригира.

Потребно е едуцирање на наставниците за основно медиумско образование, како и за современите дидактички алатки и предуслови за медиумска продукција (упатства, дообуки, медиуми) итн.

Бирото за развој на образованието треба да има поголемо учество во набљудувањето на спроведувањето на наставните програми, за да се увиди навреме потребата на наставниците и учениците, посебно за темите за унапредување на медиумската писменост на учениците. Дадена е и препорака за педагошките факултети да ги ревидираат наставните програми со современи содржини за медиумска писменост и за унапредување на способностите на наставниот кадар, како и за вклучување на стручни лица од новинарската фела и од комуникациите.

На конференцијата учествуваа Лори Ласо од Хелсиншкиот институт за аудиовизуелни активности, која го презентира финскиот модел за медиумско образование, како и Александар Кочиќ од единбуршкиот универзитет „Нејпиер“, кој го презентира шкотското искуство за медиумско образование во средните училишта. Милица Пешиќ од Лондонскиот институт за медиумска разноликост (ИРМ) ја нагласи потребата од основно медиумско образование во граѓанските организации.

Околу 100 ученици, професори, на подлистокот „Медиум“ и на Коалицијата за медиумска писменост, како и преставници на Бирото за развој на образованието и на Министерството за образование и наука учествуваа на завршната конференција.

Тригодишниот проект беше спроведен од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, од весникот „Нова Македонија и од ИРМ, со поддршка на ЕУ.