„Репортерс лаб“: Бројот на активните проверувачи на факти во светот првпат е над 300

Фото:Репортерс лаб

Бројот на активните проверувачи на факти ширум светот надмина 300 – околу 100 повеќе отколку што изброи истражувањето на „Дјук репортерс“ пред една година, пишува „Репортерс лаб“.

Дел од тој раст се должи на изборите во 2020 година во САД, каде што во глобалната база на податоци и мапата на „Репортерс лаб“ може да се најдат околу 58 проекти за проверка на факти. Тоа е двојно повеќе од која било друга земја и скоро една петина од сегашната бројка во светски рамки: 304 во 84 земји.

Последните претседателски избори во САД (2016) влијаеја предупредувачки за ефектите од дезинформациите, особено на социјалните мрежи. Но, тие проблеми не беа само во Америка. Од гласањето за брегзит во Велика Британија во 2016 година до пандемијата на корона-вирусот оваа година, настаните низ целиот свет доведоа до нови проекти за проверка на факти, кои ги детектираат дезинформациите, ги разоткривааат измамите и ѝ помагаат на јавноста да ги идентификува невистините. 

Сепак, во изминатите четири години, растот во САД беше послаб – барем во споредба со другите делови на светот, каде што „Фејсбук“, WhatsApp и Google  ангажираа проверувачи на факти за да помогнат во откривањето дезинформации на своите платформи.

Во овој период има поголемо зголемување на проверувачите на факти во Европа и во Азија. Неколку азиски земји забележаа голем пораст, како на пример, Индонезија  од 3 на 9 проверувачи на факти, Јужна Кореја од 3 на 11 и Индија од 3 на 21.

Во прилог може да се види табелата што го прикажува бројот на проверувачи на факти во 2016 и 2020 година:

Извор: Duke Reporters’ Lab