„Еувсдисинфо“: Од англиски на руски, па на чешки – преводот како манипулативна алатка

Фото: euvsdisinfo.eu

Руските државни медиуми имаат проблем со кредибилитетот и тие самите го знаат тоа. Според истражувањето спроведено во 2019 година од страна на рускиот аналитички „Левада Центар“, околу 50 проценти од Русите сметаат дека информациите од државните ТВ-канали – главниот извор на вести за повеќето Руси, не се веродостојни. Овој процент расте секоја година, заедно со зголемената доверба во независните веб-медиуми и социјалните медиуми, како алтернативни и посигурни извори. Ова претставува проблем за про-Кремљ изворите на дезинформации, но и за него овие центри најдоа решение, пишува „Еувсдисинфо“.

Па така, ќе најдете, на пример, како извршниот уредник на „Економист“ тврди дека ОН спроведуваат сомнителни политики; кako „Гардијан“ известува дека 80 проценти од човештвото може да умре од ковид-19 во следната деценија; како Die Welt ги  нарекува Белите шлемови „псевдо бранители на човековите права“ обвинувајќи ги за проневера; како Foreign Policy предлага различни сценарија за соборување на Лукашенко; Newsweek како го потврдува постоењето на државен удар во Иран режиран од САД; и како полски експерт за безбедност ѝ кажува на својата земја дека треба да се плаши од ракетите на Русија (сите се вистински случаи на дезинформации разоткриени од EUvsDisinfo).

Но, како ваквите истакнати списанија и весници завршуваат со промовирање на про-Кремљ наративите?

Па, има неколку чекори до оваа лукава кореографија. Прво, про-Кремљ медиумите наоѓаат напис од добро почитуван странски медиум каде позајмената содржина може да се користи без сомнежи во кредибилноста.

Второ, центрите за дезинформации ја пишуваат својата содржина на руски јазик, преправајќи се дека ја цитираат оригиналната приказна, но, всушност, вклучуваат аргументи кои се грубо, погрешно толкување на пораката, па дури и целосно фалсификување.

Друга вообичаена техника е да се вметнат реченици како да се интерпретирани цитати од оригиналниот напис, но кои воопшто не биле таму.

И, манипулирајќи на ваков начин, се создаваа перцепција дека наводно престижните странски медиуми ја „поддржуваат нивната приказна”.

За целата оваа „операција“ е важно и тоа што содржината се преведува од англиски на руски, па на други јазици (на пример чешки), често во релативно маргинални публикации или блогови, како што е News Front. Со нов наслов за статијата, но со иста содржина, пораката се шири уште повеќе.

За жал, овој режим на работа е тешко да се открие, бара и свесност и волја за проверка на фактите, вклучително и доволно владеење на неколку јазици за да се забележи фалсификатот (англиски, руски и трет на кој е преведена приказната). Што значи дека за идентификувањето на овие измислени приказни треба многу време и енергија.

„Сериозно, зошто да се замарате со напорната работа на јавната дипломатија и односите со медиумите? Зошто да се мачите да ја објасните вашата верзија на настаните пред странските новинари во надеж дека тие ќе ја репродуцираат? Само лажирајте. Само небото е граница“, иронично заклучува написот на „Еувсдисинфо“.