Роберт Ф. Кенеди Помладиот е децениски антиваксер, а вакцините mRNA не го менуваат човековиот геном!

Постот што го рецензираме е со испуштен контекст и како таков би требало во најмала рака да се земе со резерва, зашто пребарувањето по интернет не покажа дека mRNA вакцините прават измена на генетскиот состав на човековото тело. Напротив, станува збор за дезинформација

Пост, објава на ФБ страницата Слободен свет упатува важно соопштение во врска со вакцините против Коивд-19, кое секако треба да се земе со огромна резерва и како дезинформација.

Во постот се наведува дека станува збор за соопштение на Роберт Ф. Кенеди Јуниор и носи наслов:

Роберт Ф. Кенеди, Јуниор: Вакцината против Ковид треба да се избегнува по секоја цена

Притоа, е објавена фотка на Роберт Френсис Кенеди Јуниор и кога ќе се кликне насловот, се отвора текст во кој суштинскиот дел е тврдење дека вакцината против Ковид-19, од која една деновиве е пред масовна употреба и во САД, а во Велика Британија веќе почна да се имплементира во имунизација на населението, предизвикувала генетска мутација на организмот, после што веќе ништо немало да биде исто:

За првпат во историјата на вакцинацијата, таканаречените mRNA вакцини од најновата генерација интервенираат директно во генетскиот материјал на пациентот и го менуваат неговиот индивидуален генетски материјал, што претставува генетска манипулација, која веќе од порано беше забранета и досега се сметаше за криминална. Оваа интервенција може да се спореди со генетски модифицирана храна, која исто така е многу контроверзна.

За да го поткрепи ваквото тврдење, подолу во текстот се наведува уште едно појаснување на Кенеди Помладиот, во кое се наведува дека последиците ќе биле огромни и се споредуваат со генетски предодредените болести:

Почитувани пациенти, после непроверената вакцина против mRNA , повеќе нема да можете да ги лекувате симптомите од вакцината на комплементарен начин. Ќе мора да живеете со последиците, затоа што повеќе нема да можете да се излекувате едноставно со отстранување на токсините од човечкото тело, исто како лицата со генетски дефект како Даунов синдром, Клинефелтер синдром, Тарнеров синдром, запирање на генетско срцево заболување, хемофилија, цистична фиброза, Рет-ов синдром и сл.), бидејќи генетскиот дефект е вечен!

За да се провери ова тврдење дека mRNA вакцините го менуваат генетскиот состав на човечкото тело (клетките), може да се појде најпрво на страницата на американската CDC (Центар за превенција и контрола на заразни болести), кое е врвно тело на САД во врска со борбата против сите заразни болести, вклучувајќи ја и Ковид-19.

Пребарувајќи за mRNA вакцините ќе дојдете до детален опис што тоа значи и дека станува збор за нов тип вакцина кој се разликува од досегашните, кои најчесто функционираат на тој начин што мала количина на штетниот вирус (патоген), жив или умртвен, се внесува во телото со помош на инјекции или орално и на тој начин се активира имунолошкиот одбранбен систем на секој организам.

Наместо ова, како што се појаснува од CDC, станува збор за вакцина која до дел од генетски состав РНК или RNA, пренесува „порака“ преку „гласник“(на англиски messenger) и оттука кратенката mRNA. Појаснувајќи го принципот на работа CDC вели:

mRNA вакцините се нов вид вакцини за заштита од заразни болести. За да предизвикаат имунолошки одговор, многу вакцини ставаат ослабен или инактивиран микроб во нашите тела. Не и mRNA вакцини. Наместо тоа, тие ги учат нашите клетки како да создадат протеин – па дури и само парче протеин – кој предизвикува имунолошки одговор во нашите тела. Тој имунолошки одговор, кој произведува антитела, е она што не штити од инфицирање доколку вистинскиот вирус влезе во нашите тела.

Понатаму се појаснува целиот процес од инјектирање до препознавање на протеинот, кој не припаѓа на организмот:

Вакцините против КОВИД-19 mRNA се даваат во мускулите на надлактицата. Штом инструкциите (mRNA) ќе се најдат во мускулните клетки, клетките ги користат за да го создадат протеинскиот дел. Откако ќе се направи протеинот, клетката ги уништува упатствата и се ослободува од нив.

Следно, клетката го прикажува (новосоздадениот-н.з.) протеински дел на својата површина. Нашите имунолошки системи препознаваат дека протеинот не припаѓа таму и започнуваат да градат имунолошки одговор и да создаваат антитела, како што се случува при природна инфекција против COVID-19.

На крајот од процесот, нашите тела учат како да се заштитат од идна инфекција. Придобивката од вакцините против mRNA, како и во сите  вакцини, е добивање на заштита, без некогаш да ризикуваат сериозни последици од заболување од КОВИД-19.

Притоа, мора да се напомене дека и CDC нагласува дека оваа вакцина е нова, дека досега немало mRNA вакцина регистрирана во САД, иако научниците работеле на нејзе со децении поврзано со други заразни болести, или борбата против канцерот, ја испитувале и на човек и дека нејзиното воведување во употреба ќе биде спроведено откако ќе се направат најстроги можни проверки!

Повеќе за mRNA вакцините како дел од преку 50-те институти и лаборатории кои работат на изнаоѓање вакцина против Ковид-19 може да се најде и на страниците на Светската здравствена организација.

 * * *

Но, она што е важно за постот што го рецензираме е дека во него воопшто нема никаков контекст. Односно, не се наведуваат многу детали, од кои еден од поважните е дека Роберт Френсис Кенеди Јуниор, покрај тоа што е внук од брат на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди и покрај тоа што е познат како човек кој со децении се занимава со заштита на животната средина, во истовреме е можеби најпознатиот противник на вакцинацијата воопшто на глобално ниво или т.н. најпознат антиваксер.

Како таков, тој во последно време сè почесто е гостин и на многу активности во САД и Европа на различни радикални групи или политички партии на кои им се блиски многу теории на заговор, а поради неговото отворено антиваксерство, минатата година дојде и во раскол со своето семејство (види линк ТУКА и ТУКА). Впрочем и фотографијата која што е објавена во постот припаѓа на „Гети фотографии“ и е објавена токму во Њујорк Тајмс заедно со веста дека има кавга меѓу него и семејството, а е создадена во мај 2018 година при едно гостување во тв шоу.

Имајќи ги предвид сите наведени факти, може да се оцени дека постот што го рецензираме е со испуштен контекст и како таков би требало во најмала рака да се земе со резерва, зашто пребарувањето по интернет, дури и на првите во САД mRNA вакцини на американските компании Модерна и на Фајзер, не покажа дека mRNA вакцините прават измена на генетската мапа на човековото тело (види линк ТУКА и ТУКА).

Но, покрај ова, можеби најважно, научници за сервиси за проверка на факти го имаат разобличено тврдењето дека човечкиот геном може да биде сменет со ваквите вакцини, бидејќи тој, пред сè, е составен од ДНК или DNA, која е главна, матична за геномот и ги содржи информациите кои се пренесуваат и од RNA. (подетално види на линковите ТУКА, ТУКА и ТУКА и ТУКА).

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.