Сатирична измислена изјава на Мерко стана вистинска вест

Во дел од медиумите изјавата на Мерко е објавена без да се нагласи дека е сатира, а потоа и споделена на социјалната мрежа „Фејсбук“, каде што има голем број на споделувања и коментари, најголем дел од нив негативни и навредливи

 

Пишува: Симона Атанасова

 

„Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, во изминатата година потрошил 27.500 евра за репрезентации, односно за услуги во угостителски објекти“. Покрај оваа информација, која се прошири низ медиумите и социјалните мрежи, се појави и сатирична, измислена изјава на градоначалникот којашто дел од медиумите ја сфатија сериозно и ја пренесоа како вистинска.

Порталот „Кооперација“ од веста за трошењето на Мерко, направил сатирична објава во која додал негова измислена изјава.

„Јадев, често и на сила, само и само да ги помогнам струшките угостители.“ – се правда струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека граѓаните на Струга се жртви на неговото расипништво и луксуз и одговори дека ако некој е жртва, тоа е тој, затоа што неговата посветеност и желба да помогне му донела висок холестерол, шеќер, запушени крвни садови и покачен притисок, но и покрај тоа спремен и понатаму да се жртвува за доброто на стружани.

Овој портал го објавил овој текст во категоријата „Сатира“ и тоа го пишува веднаш над насловот на текстот.

Но, очигледно дел од медиумите, не забележале дека објавата е сатирична и ја пренесоа како вистинска изјава на Мерко во комбинација со првичната вест за сумата на потрошени пари, со што направија забуна во медиумскиот простор.

Изјавата е објавена без да се нагласи дека е сатира, односно дека е измислена, а потоа и споделена на социјалната мрежа „Фејсбук“ каде што има голем број споделувања и коментари, најголем дел од нив негативни и навредувачки.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, тврди дека тој потрошил 27.000 евра од буџетските пари, за да ги помогне угостителите во време на пандемија, се вели во постот

Вистината е дека Мерко нема изјавено такво нешто. Всушност, градоначалникот на Струга сè уште нема дадено никаков коментар на оваа тема.

Но, неколку медиуми, без притоа да направат дупли проверки, ја објавија оваа изјава како вистинита и потоа таа масовно се споделуваше и на социјалните мрежи. Дел од медиумите информираат дека е сатира дури на крајот на текстот, но во насловот тоа не е потенцирано. Па така, и овие медиуми, кога ја пласираат веста на „Фејсбук“ таа личи на вистинска и точна и доколку некој ја види без да ја прочита целата докрај, нема да сфати дека веста е сатирична. А на социјалните мрежи најчесто се читаат само наслови на текстови, така што јавноста намерно или ненамерно  е изманипулирана.