Уште кога ќе го погледнеме насловот, станува јасно дека имаме работа со текст којшто, најверојатно, наместо да ги разјасни нештата само ќе ги зголеми прашалниците. Направен е таков избор на наслoв којшто содржи доза коментар и завршува со прашалник.
Линк до оригиналниот напис: И Движењето БЕСА може да го напушти бродот на Заев?!
Датум на објавување: 25.2.2021
Датум на рецензија: 14.3.2021
Рецензент: Ајнур Бафќари
Кога авторот се наоѓа помеѓу професијата „новинар“, „лекар“ и „коментатор“
Текстот почнува со опис на актуелната состојба, исто така со доза коментар, а продолжува со коментари од типот „главоболка за премиерот Заев“, потоа кулминација на „експлозијата“ и слично. Авторот се повикува на анонимни извори и покренува сомнежи дека одредена партија може да ја напушти Владата, поради проекти што се доделени од едно министерството, а споменатата пратија и самата е дел од Владата.
Нема ниту една изјава во врска со наводите, ниту каква било потврда. Целиот напис се заснова само на еден настан што, секако, предизвика многу реакции во јавноста, па дури имаше реакции и од самиот заменик-премиер, кого авторот на текстот го ставил на крајот на текстот. Но, ништо од сето тоа не води до тоа што авторот на текстот сака да ѝ го прикаже на јавноста.
По објавувањето на проектите од културата, „главоболките“ за премиерот Заев очигледно се зголемуваат. Како што дознава ИНА, Движењето БЕСА може да ја напушти владата затоа што проектите доделени од Министерството за култура биле крајно дискриминирачки за Албанците. Четворицата пратеници на оваа партија се клучни за владејачката коалиција, но следните денови ќе бидат клучни. Последниот потег на Министерството за култура беше кулминација на „експлозијата“ на незадоволството на оваа партија“ – се вели во текстот.
Дека нема вистина во она што го тврди авторот, докажува гласањето доверба на Владата
Употребата на поимите „главоболка“ и „експлозија“, кои авторот ги ставил во наводници, ја прави јасна тенденцијата на овој текст. Потоа авторот зборува за „клучното“ значење на четворицата пратеници во составот на парламентарното мнозинство од 62 пратеници. Тој отвора дилеми, но не дава одговори, нуди неколку дена, кои ги нарекува клучни, меѓутоа неколку дена по објавувањето на овој текст се гласаше за доверба на Владата и таа доби поддршка на пратениците, со што се отфрла сè што напишал авторот. „Клучните пратеници“ не ја напуштија Владата, напротив го поддржаа ова мнозинство.
Концептот на манипулација „По ова значи за тоа“ и „Лажна аналогија“
Настанот со доделувањето субвенции од страна на Министерството за култура на РСМ, авторот го искористил како настан што претходи на излегувањето на споменатата партија од Владата, претставувајќи го тоа во форма во која тој манипулира со својот читател. Авторот, исто така, ја поврзува блокираната работа на Собранието со настанот со министерството, го користи за претпоставка, којашто ја презентира како потврдена од анонимни извори.
Од ваков текст, некој собира „кликови“, а некој друг „политички поени“
Ако сте соочени со вакви текстови, каде што се користат некои актуелни работи, и се поврзуваат на бесмислен начин, потпирајќи се на анонимни извори, тогаш добро размислете дали ќе одвоите време да го прочитате, а да му верувате нема шанси. Авторот требало да обезбеди повеќе извори, изјави и факти кои би го потврдиле тоа што го пишува. Ако некој текст не ги поседува овие работи, тој не ви дава информации, туку само ви отвора дилеми, при што некој собира „кликови“, а некој друг „политички поени“.