Сензационалистички и непроверени детали од лидерската средба се „продаваат“ како ексклузивност

[Рецензија: ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ОД ЛИДЕРСКАТА: Заев бил отсутен, Дескоска била суфлер!]

Овој текст во кој се изнесени наводни ексклузивни детали од лидерската средба нема никаква врска со професионалното новинарско известување, туку личи на приказна раскажана пред маалска продавница.

Линк до оригиналниот напис: ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ОД ЛИДЕРСКАТА: Заев бил отсутен, Дескоска била суфлер!

Датум и време на објавување: 13.5.2020

Датум на рецензија: 13.5.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Средбата на лидерите на политичките партии кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, дојде и помина. Лидерите на партиите по нејзиното завршување даваа изјави за медиумите во кои ги кажаа своите видувања и заклучоци.

Но, овој текст, којшто се „продава“ како да нуди ексклузивност од средбата, не е ништо друго, туку чаршиски муабет за кој нема никаква потврда дека е вистинит.

Написот освен што е максимално шпекулативен и сензационалистички, истовремено е и едностран и тенденциозен. Повеќе од очигледно е дека целта му е по секоја цена да го оцрни лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Велат Заев на средбата иако физички бил присутен до крајот, некаде на половина од истата целосно се исклучил од расправата, гледајќи во точка од масата, и отсутно штипејќи се за образот. Таквата исклученост била прекинувана од суфлирања и тивки шепотења од Рената Дескоска, која била дојдена во тимот на Оливер Спасовски. Дескоска се трудела да му сугерира околу правните прашања за кој Заев привлекол внимание со неговото непознавање.

Изнесени се детали од лидерската, а како единствен извор за ова се наведени анонимни изјави на таканаречени брифери, кои биле присутни на средбата. Тоа значи дека наводниот извор е претставник на некоја од партиите присутни на средбата, а зошто одлучил да остане анонимен е непознато.

Текстот е напишан и објавен без да се побара мислење и коментар за потврда (или демант) на изнесените тврдења од ниту еден личност спомната во написот.

Освен тоа што информациите што се нудат се неверодостојни, тие се целосно неважни за јавноста. Не нудат никаква додадена вредност од тоа што беше официјално изјавено по средбата. Не нудат никаква новост, ниту ја информираат јавноста за нешто што е од суштинско значење. Ниту има нешто ексклузивно во напишаното како што сензационалистички се тврди во насловот, а со намера што повеќе луѓе да го кликнат текстот.

Сосема е неважно кој на кого му суфлирал и зошто, кој со кого пишувал пораки и дали некој се допирал за лицето… Целиот текст еднострано и тенденциозно се концентрира само на тоа што, наводно, правеле претставниците на СДСМ на средбата, нема што правеле претставниците на другите партии, како тие да не биле присутни.

Сè на сè, написот наликува како да е  „зготвен“ во кујната на некој политички центар, во периодот кога партиите кршат копја за датумот за повторно закажување на предвремените парламентарни избори, кои беа откажани поради корона-вирусот.