[Рецензија: ОФИЦИЈАЛНО: Пoчина човек на митингот на СДСМ во Скопје, поради бината блокиpaн пристапот на aмбyлaнтни возила]
Текстот што го рецензираме е тенденциозен и има цел да го оцрни кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски. Во написот нема потврда за информациите што се пласираат.
Линк до оригиналниот напис: ОФИЦИЈАЛНО: Пoчина човек на митингот на СДСМ во Скопје, поради бината блокиpaн пристапот на aмбyлaнтни возила
Датум и време на објавување: 14.4.2019
Датум на рецензирање: 17.4.2019
Рецензент: Ана Анастасовска
Насловот на текстот е тенденциозен и манипулативен. Намерно со големи букви е нагласен зборот „Официјално“ со цел да изгледа сериозен во очите на читателот. Оттука, секој што ќе ја прочита веста добива впечаток дека станува збор за вистинита вест. Но, кога ќе го отворите текстот, сфаќате дека целиот напис е насочен кон напад на Пендаровски и неговата партија СДСМ и ништо повеќе.
Од cрцев (удар н.з.) пoчинaл човек на денешниот митинг на СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Скопје. Како што сведочи присутен, човекот што бил дојден со автобус од Битола пoчинaл покрај „Веро Џамбо“, каде што во Скопје се одржуваше митингот.
Ова е целата вест за починатиот човек. Некој присутен на митингот посведочил за овој настан. Официјална потврда, како што се наведува во насловот, нема никаде. Не е побарана информација од Брзата помош, ниту од МВР. За настанот нема потврда од ниту една официјална институција во државата.
Информација добиена од анонимен човек, кој присуствувал на митингот, не може да биде карактеризирана како официјална. Понатаму се наметнува прашањето, дури и да е вистина дека некој починал за време на митингот, каква врска има тоа со Пендаровски и со СДСМ, односно каква вина имаат тие за тоа. Написот наведува на таква констатација.
Иако уште од утринава се ширеа информации дека граѓани вpaботени во државната администрација под притиcoк се носат на митингот на власта, во главниот град беа донесени стотици автобуси, а во еден од нив бил и сега пoчинaтиoт граѓанин.
Се посочува дека СДСМ ги терал луѓето сосила да доаѓаат на митингот, а меѓу „присилените“ бил и починатиот. Исто така за ова нема никаква потврда. Нема изјава од ниту еден присутен на митингот кој ќе потврди дека луѓе сосила биле носени во Скопје.
Да се потсетиме дека Скопје денеска беше целосно блокирано поради одржувањето на митингот на СДСМ, а клучен е фактот што беше блокирана улицата што води кон скопската Kлиника. Односно поради бината поставена на митингот на СДСМ, беше oнeвозмoжeн пристапот на aмбyлaнтни возила на улицата кај „Рамстор“ кои би се движеле кон Државната бoлницa во Скопје.
И за ова нема никаква потврда од „Брзата помош“, односно оттаму не е побарана изјава дали биле оневозможени да ја вршат својата работа поради блокираната улица.
Вакви манипулативни написи што се политички мотивирани, без никакви официјални информации и потврди, немаат допирна точка со новинарството. Овој напис многу повеќе наликува на политички памфлет отколку на новинарски производ. Во него една сериозна вест е третирана несериозно и притоа е прекршено основното новинарско правило, а тоа е дека информациите секогаш треба да бидат добро проверени од повеќе страни пред да се пласираат во јавноста.