Од насловот на текстот не произлегува никаква двојба дека авторот поседува доказ или докази, дека комуникацијата меѓу поранешниот и сегашниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ постои и овозможува постоење на надреденост на Мицкоски кон својот поранешен патрон – Груевски. Само по таква основа, од насловот би се заклучило дека некој од Будимпешта би можел да сугерира одредено однесување на опозицијата. Но, во содржинскиот дел на текстот нема оправдување на насловот, дури, што се вели, нема таква основа ниту „во трагови“!
На порталот „Охрид скај“ деновиве е објавен текст со доста провокативен наслов, а потоа истиот е споделен во пост на „Фејсбук“. Истиот веднаш го привлекува вниманието на читателите, бидејќи е претставено дека нуди експлицитен доказ за врските меѓу избеганиот експремиер Никола Груевски и политичарот што го замени на партискиот трон – Христијан Мицкоски. Имено, насловот гласи:
ЕКСКЛУЗИВНО: Груевски барал од Мицковски по секоја цена да ја стопира набавката на вакцини за РСМ
Од ваквиот наслов не произлегува никаква двојба дека авторот поседува доказ, или докази, дека комуникацијата меѓу поранешниот и сегашниот шеф на партијата ВМРО-ДПМНЕ постои и овозможува постоење на надреденост на Мицковски кон својот поранешен патрон – Груевски. Само по таква основа од насловот би се заклучило дека некој од Будимпешта би можел да сугерира одредено однесување на опозицијата.
Но, во текстот нема оправдување на насловот, дури, што се вели нема таква основа ниту „во трагови“!
Во написот има доста примери за тоа како ВМРО-ДПМНЕ со одредени свои постапки можела да придонесе за ширење на заразата со ковид-19. Тој дел од текстот има меѓунаслов: „Хронологија на забеганост“ и тука се наведени примери за јавни собири организирани од оваа партија есеноска. Потоа, има еден дел од текстот посветен на ситуацијата на пазарот со вакцини, кој, пак, не е релевантен за насловот. На крајот доаѓаме до сегментот што почнува со тоа дека делегација на ВМРО-ДПМНЕ ја посетила Будимпешта и веројатно читателот би рекол – дојдовме до вистинската разрешница!
Арно ама, за експлицитно тврдење: „Груевски барал од Мицковски по секоја цена да ја стопира набавката на вакцини за РСМ“, нема никаква поткрепа во текстот. Во написот е нафрлена само паушална констатација:
Посетата на делегацијата на ВМРО ДПМНЕ во Будимпешта има одредена цел, а тоа е како да се искористи моментумот да се отежни по секоја цена набавката на вакцини за граѓаните на РСМ, а со самото тоа, да се предизвика незадоволство на граѓаните спрема владата предводена од СДСМ и нејзин пад.
За ова не е понуден ниту еден доказ, нема факти што би го оправдале изнесениот заклучок. Сè се сведува на нечија претпоставка за целта на партиската посета на Будимпешта, што не е доволно за да се испрати таква порака со насловот.
Впрочем, Мицковски по враќањето од Будимпешта рече дека „не се сретнал со Груевски“, а во гостувањето во емисијата „Еден на еден“ во јануари годинава, истакна дека „не се ни слуша со Груевски“.
Па, со оглед на тоа што не е посочен никаков видлив доказ дека токму Груевски дал инструкции да се креира дневна политика на ВМРО-ДПМНЕ, која би била противење на политиката на увоз на вакцини на власта, тврдењето искажано насловот на текстот, односно во постот што се споделува на „Фејсбук“, го оценуваме како невистинито.
Инаку, низ многу асоцијации можеме да мислиме за контактите меѓу врвот на ВМРО-ДПМНЕ и одбеганиот Никола Груевски, но јавноста е желна за конкретен доказ кога се отвора таа тема.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.