Во десетминутниот говор прикажан на видеото Тал Закс од „Модерна“ зборува за превенција и третман на болестите со нови методи. Наспроти тврдењето искажано во објавата на „Фејсбук“ дека ќе се промени генетскиот код, кое е извадено од контекст, од образложението на Закс не произлегува дека ќе се промени ДНК на вакцинираната личност. Исто така, повеќе официјални извори, медицински тела, експерти и медицински професионалци, научници и претставници на компаниите што ги произведуваат вакцините против ковид-19 тврдат дека со мРНА вакцината не може да се промени генетскиот код
Рецензираме пост во којшто се тврди дека:
Главниот медицински директор на Модерна призна дека МРНК вакцината ја менува ДНК.
Како поткрепа на ова тврдење, пренесен е видеоматеријал во којшто Тал Закс од „Модерна“, во ТЕД говор, наводно, кажал дека со мРНА вакцината ќе се промени ДНК на личноста.
Но, во десетминутниот говор, тврдењето дека ќе се промени генетскиот код е извадено од контекст, односно не е кажано онака како што авторот на постот сака да ги наведе читателите да поверуваат.
Закс зборува за превенција и третман на болестите со нови методи и почнувајќи од 1 минута во видеото тој вели:
Во секоја клетка има месенџер РНА или скратено мРНА, кој ја пренесува критичната информација од ДНК до протеинот, од кој сите сме изградени. Оваа критична информација ќе одреди всушност, што ќе направи кЛЕТКАТА. Го гледаме како оперативен систем. Не само во клетката во нашето тело, туку во сите живи организми. Ако можете во софтверот на животот, како што го нарекуваме, да внесете код или да го смените, тоа има длабински ефект на сè, од грип до канцер.
Потоа во 2,20 минута од видеото тој продолжува да објаснува:
Како функционира мРНА вакцината? На телото му даваме инструкции како самото да произведе вакцина. Со традиционалниот пристап, протеините пловат околу клетката. мРНА вакцината ги поттикнува клетките во вашето тело да ја направат вакцината. Што е поалармантно, дали странец којшто се шета во вашата населба или некој што ви провалил дома и го активирал алармот? Тоа се случува со мРНА вакцината. Алармот е вклучен, клетката повикува полиција! Во исто време го создава протеинот и вели, ова е лошиот чичко. Така функционира мРНА вакцината.
Потоа продолжува со објаснување од 3,10 минута до 3,38 минута во видеото прикачено на следниот линк:
Група луѓе ги вакциниравме против грип со мРНА и сите развија имун одговор каков што се надевавме да видиме. Покажавме дека ова функционира и кај луѓе и така на овој принцип ќе развиваме вакцини.
Од ова образложение не произлегува дека ќе се промени ДНК на личноста којашто се вакцинирала, како што лажно се тврди во постот кој го рецензираме.
Инаку, ова е широко распространет мит, којшто заслужи големо внимание, до степен и македонските здравствени власти да го негираат на својата официјална страница за информации за претстојниот процес на имунизација.
На оваа страница пишува дека мРНА вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак.
Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, наведено е во делот за разобличување митови и информирање за фактите околу оваа вакцина.
И Уницеф тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат вашата ДНК.
Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК, пишува на страницата на Уницеф.
И „Форбс“ во разговор со медицински експерти потврдува дека мРНК вакцината НЕ може да ја промени ДНК кај вакцинираниот.
„Ројтерс“, пак, цитирајќи извори од производителот „Модерна“, тврди дека споредбата на мРНА науката за конкретната вакцина, со оперативен систем, е метафорична, а не буквална. Според „Модерна“, мРНА науката може да се спореди со оперативен систем зашто може да се користи за да се насочи кон справување со голем број болести.
И „Небраска медисин“ тврди дека со оваа вакцина не може да се влијае на промена на ДНК.
Во огромниот број на светски извори, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.
МРНА не е исто што и ДНК и не може да се комбинира со нашата ДНК за да го промени нашиот генетски код. Исто така е релативно нестабилна, па ќе остане во клетките само околу 72 часа пред да се распадне, велат оттаму.
Имајќи го предвид огромниот број официјални извори, медицински тела, експерти и медицински професионалци, научници и претставници на компаниите кои ги произведуваат вакцините против ковид-19, кои тврдат дека со мРНА вакцината не може да се промени генетскиот код, го оценуваме како невистинито и манипулативно тврдењето изнесено во постот што го рецензираме.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.