Шансата астероид да ја погоди Земјата во септември е 0,01 процент

 

[Рецензија: Астероид ќе ја удри Земјата, предупредуваат од Европската вселенска агенција]

Основната цел на овој текст е преку напишаното да предизвика висока доза љубопитност кај читателите за да привлече што е можно повеќе кликови на објавата. Но, притоа, не се внимава дека текстот истовремено може да предизвика паника и страв кај тој што ќе го прочита.

Линк до оригиналниот напис: Астероид ќе ја удри Земјата, предупредуваат од Европската вселенска агенција

Датум и време на објавување: 14.6.2019

Датум на рецензија: 22.6.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Со текстот се заплашуваат читателите дека астероид со дијаметар од 40 метри на 9 септември може да удри во Земјата. Но, самиот наслов е уште попроблематичен затоа што во него се тврди дека дефинитивно астероидот ќе ја удри Земјата, што е лага. Нормално кога кој било ќе го прочита овој наслов и текст, ќе се запраша што ако астероидот го погоди моето место на живеење.

Написот тврди дека:

Астероидот со име 2006 QV89, веројатно, нема да го уништи целокупниот живот на Земјата, но ќе биде и повеќе од доволно за да уништи цел еден град, предупредуваат научниците.

А потоа во текстот се наведува пример од 2013 година, кога експлодирал метеор при што биле повредени 1000 луѓе.

Но, која е вистината?

Астероидот 2006 QV89 од астрономите е класифициран како НЕОПАСЕН. Не се очекува да ја погоди Земјата. Како и многу други астероиди, и овој е на „ризична“ листа, но Европската вселенска агенција го класифицира како неприоритетен ризик.

Според пресметките на НАСА, астероидот нема ни да биде во близина на Земјата во септември 2019 година, туку ќе биде толку далеку од нашата планета што постојат 99.989 проценти шанса вселенскиот камен да ја промаши Земјата.

Но, овие факти не спречија неколку портали да објават текстови што содржат само дел од вистината. Заклучокот е дека ниту Европската вселенска агенција ниту НАСА не нè предупредуваат дека овој астероид е опасен. Па така нема никаква потреба од кревање паника преку сензационалистички написи, кои пренесуваат само еден дел од приказната, а другото го изоставуваат со цел ситуацијата да изгледа пострашна и бомбастична.