Наслов кој шири паника и страв помеѓу граѓаните

[Рецензија: Смртта танцува зад лежалката: Најновата снимка од Грција ги запрепасти сите!]

Насловот на текстот што го рецензираме шири паника и создава страв кај луѓето. Сезоната на летни одмори во Грција е веќе почната и голем број граѓани од нашата држава традиционално се таму на летување, па оттука и можноста за загриженост кај луѓето, што тоа се случува на грчките плажи(?!). Самиот наслов е непрецизен и така како што е скроен од него не може да се разбере за што точно станува збор.

Линк до оригиналниот напис: Смртта танцува зад лежалката: Најновата снимка од Грција ги запрепасти сите!

Датум на објавување:  18 јуни 2019

Датум на рецензија: 21 јуни 2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Најновата снимка од една грчка плажа ги запрепасти сите. На неа се гледаат две змии во лута борба во близина на лежалки, кои на момент изгледаат како двоглава змија од песокот. Ова сигурно ќе ги натера сите да внимаваат повеќе кога газат по врелиот грчки песок.

Според снимката прикажана во текстот, змиите излегуваат од камен во близина на една лежалка на која не може да се види дали има луѓе. Камењата се нивното природно живеалиште, па летно време постои опасност од змии во близина на камења изложени на сонце, како и на места каде што постои бујна вегетација. Во таа смисла, нормално е да има претпазливост независно дали снимката за која помпезно се известува во текстот постои или не. Но, исто така, не секоја близина на змија значи смрт – како што сугерира насловната конструкција. Треба да се каже и тоа дека убодот од змија не е секогаш смртоносен. Тоа, секако зависи од видот на змијата, меѓутоа, важно е и да се реагира брзо и да се добие соодветна здравствена заштита. Во текстот нема никаква информација за змиите прикажани на видеото, така што не може да се знае дали навистина „смртта танцува позади лежалки“.

Она што би можело да биде од интерес на граѓаните, а го нема во овој текст, се едукативни информации од типот: да се избегнуваат места за лежења на плажа во близина на камења, прва помош од каснување од змија, што да се направи потоа… Ширењето паника никому не му е од корист.

Имајќи предвид дека во написот се потенцира Грција, „грчки плажи“, „грчки песок“ се остава впечаток дека змиите може да се појават само таму и на ниту едно друго место или плажа. Па, освен ширењето паника и страв, текстот испраќа и скриена порака: „Размислете дали би оделе таму на летување!“.