Видеото кое се шири на Фејсбук е од преносот на паневропската медиумска мрежа ,,Еуроактив” од 2015 година, во Брисел, каде Бил и Мелинда Гејтс зборуваа за нивните инвестиции во генетски модифицирани култури. Во овој пост неговата тогашна изјава е извадена од контекст и со неа се манипулира дека тој говори за употреба на ГМО во вакцините за деца, што не е вистина. Гејтс зборува за важноста на безбедносното тестирање во прифаќањето на новите технологии. Тој прави споредба меѓу безбедносниот систем за лекови и оној на генетски модифицираните култури
Рецензираме исклучително вирален пост на Фејсбук, во којшто има видеоматеријал од 35 секунди, на кој што зборува Бил Гејтс. Видеоматеријалот има превод на македонски јазик од излагањето на Гејтс, кој наместо во сегашно време, е погрешно преведен во идно време. Гејтс во видеото вели:
Земаме генетски модифицирани организми и ги инјектираме во раката на мали деца, во вената.
Но, преводот на македонски од непознатиот автор гласи:
Ќе ги земеме тие генетски модифицирани организмии ќе ги инјектираме во рацете на малите деца. Само ќе им ги пукнеме, директно во вена.
Освен што преводот е претставен да сугерира на нешто што ќе се случува во иднината и е нерафиниран (,,ќе им ги пукнеме директно во вена”), ова видео има и други проблеми – КОНТЕКСТОТ е најважниот од нив! А постот, како што напоменавме, е исклучително вирален и споделен над 1.600 пати!
ЗA ШТО, ВСУШНОСТ, СТАНУВА ЗБОР?
Настапот на Гетс, фактички, е изваден од контекст. Видеото на кое зборува тој, е од преносот на паневропската медиумска мрежа ,,Еуроактив” од 2015 година, во Брисел, каде Бил и Мелинда Гејтс говореа за нивните инвестиции (мали, помалку од 5 проценти), во генетски модифицирани култури.
ГМО културите имаат модифициран генетски материјал за да дадат нови својства, на пример да бидат отпорни на болести или на суша, но некои екологисти веруваат дека тие се закана за екосистемите. Различни регулативи го уредуваат одгледувањето и продавањето на ГМО.
Најнапред на видеото, зборува Мелинда Гејтс, која опишува дека во Африка, треба да има култури кои се постојано достапни за да се заштити населението од глад, а самите земји да одлучат дали се за таков начин на производство. Во секој случај, таа вели дека треба да има и ОПЦИЈА за ГМО за непредвидливи случаи.
Потоа Бил Гејтс се надоврзува и вели дека најсилната аналогија кога се зборува за ГМО е со лековите, каде што луѓето, исто така, се грижат за несаканите ефекти. Тој тврди дека лековите имаат испитувања и проверки за да се осигура дека се безбедни и дека истата логика треба да се аплицира и на ГМО, наместо да се отфрли технологијата која ветува решавање на проблемите со исхраната, проблемите со продуктивноста и други проблеми на земјоделците.
Неговата изјава за инјектирање генетски модифицирани организми беше споделена без контекст, па се појави заблуда дека тој говори за употреба на ГМО во вакцините за деца што не е вистина.
Гејтс зборува за важноста на безбедносното тестирање во прифаќањето на новите технологии. Тој прави споредба меѓу безбедносниот систем за лекови и оној на генетски модифицираните култури.
Поточно, новите лекови поминуваат низ тестирање и клинички испитувања за да се утврди нивната безбедност и ефикасност. Постојат бројни фази во процесот на тестирање на безбедноста, во кои резултатите се споредуваат помеѓу сè поголеми тест групи и нелекувани лица за да се проценат ризиците и придобивките од лекот.
НАСТАПОТ НА ГЕЈТС
Целосната изјава на Гејтс гласи (2, 28 минута од видеото):
Најсилната аналогија е онаа со лековите. Дали има нешто за што да се грижите со лековите за некои од нив да имаат несакани ефекти? Дали ни треба тестирање за безбедност? Земаме работи коишто се генетски модифицирани организми и ги инјектираме во рацете на мали деца, во вената. Значи, да, мислам дека можеби треба да имаме систем за безбедност каде што правиме испитувања и ќе ги тестираме работите.
Гејтс ја користи оваа аналогија за да ги спореди потенцијалниот ризик и безбедност на новата медицинска технологија со ризикот од јадење ГМО култури.
ПОГРЕШЕН КОНТЕКСТ
И покрај тоа што Гејтс ја промовираше идејата дека воспоставениот систем за следење на безбедноста ќе помогне во информирани одлуки за засегнатите страни за употребата на ГМО, (како што се прави во медицината), сепак со начинот на монтирање на ова видео во постот што го рецензираме, неговиот став добива сосема ново светло и погрешен контекст.
Поради тоа што во светот е актуелна пандемијата со коронавирусот, може да се дојде до погрешен заклучок дека Гејтс говори за ковид вакцините кога зборува дека генетски модифицирани организми се инјектираат во раката на деца. Тоа не е точно.
Сумирано, видеото што го рецензираме го изостава контекстот околу коментарите кои Бил Гејтс ги дава во врска со ГМО културите во 2015 година, каде тој го потенцира значењето на тестирањето за безбедност. Општеството воопшто прифаќа нови лекови зашто регулаторните агенции гарантираат дека тие се безбедни, врз основа на податоците од обемното тестирање. Гејтс го употреби примерот на безбедносно тестирање на нови лекови, за да укаже дека е потребно и тестирање за безбедноста за ГМ културите за да се зголеми нивното прифаќање.
Но, во овој пост намерно се пропушта контекстот, се креира сосема погрешна слика и на таков начин се манипулира со јавното мислење.