Шпекулации, лажни вести и сензационализам во информирањето за бегството на Груевски

 

Океан од шпекулации, дезинформации, лажни вести и непотврдени информации го одбележаа бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден на двегодишна казна затвор во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Штурите податоци од институциите и недостатокот од официјални информации беа и уште се плодна почва за сензационализам, манипулирање и дезинформирање на јавноста.

Неточни информации за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски се појавија за сите моменти поврзани со неговото бегство, од рутата по која избегал, начинот на кој избегал, кој му помогнал, па дури и како бил облечен. Еден медиум објавува, десетици преземаат без да ја проверат информацијата. Ова ја извади на површина целата непрофесионалност на медиумите во Македонија и регионот.

„Според наши извори“, „Ексклузивна информација“, „Јавуваат нашите информатори“, „Тврдат добро упатени извори“, „Ексклузивно на адресата каде што се наоѓа Груевски“, „Дознаваме од унгарски информатори“, „Унгарските медиуми пренесуваат“, „Според информациите до кои дојдовме“, „Нашите извори потврдуваат“, „Извори во полицијата“, „Според нашите сознанија“, беа дел од фразите што ги употребуваа медиумите да им дадат тежина на шпекулациите што ги објавуваа.

 

КАКО СТИГНАЛ ДО БУДИМПЕШТА?

Дел од медиумите првично објави дека прва точка му била престолнината на Србија, каде што направил попатна пауза во луксузен ресторан, па се упатил кон Унгарија.

Потоа албанските медиуми објавија информација дека тој Македонија ја напуштил на границата со Албанија, од каде што се упатил кон Црна Гора и Србија. Набрзо ова беше официјално потврдено прво од албанските служби, па потоа и од црногорските, а од синоќа и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Но, пред тоа беше објавена и непотврдена информација дека тој можеби ја напуштил Србија со приватниот авион на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Телевизија 24“ користејќи го превезот на „добро упатени извори“, објави „ексклузивна информација“ дека Груевски не ја напуштил Албанија и оти се упатил по морски пат кон Грција, па потоа Турција. На оваа дезинформација брзо ѝ се изгуби екслузивитетот кога црногорските служби потврдија дека Груевски влегол во Црна Гора и истиот ден подоцна ја напуштил.

 

ОБЛЕЧЕН КАКО ЖЕНА?

Дел од унгарските медиуми објави дека Груевски до Будимпешта патувал облечен како женa. Српска „Политика“ објави дека тој патувал камуфлиран со очила и шапка и оти од Тирана до Будимпешта се возел со авион на компанијата „Малев“, авиокомпанија што не постои од 2012 година.

 

КАКВИ ДОКУМЕНТИ КОРИСТЕЛ?

Една од првичните шпекулации објавени од медиумите беше дека тој патувал со бугарски пасош. Ова набрзо беше демантирано од бугарското Министерство за правда, од каде соопштија дека тој ниту има ниту аплицирал за бугарско државјанство. Бугарскиот премиер Бојко Борисов оваа информација ја оцени како лажна вест.

Потоа проструија дезинформации дека тој патувал со лажен пасош, дека патувал со дипломатско возило и дека затоа не бил регистриран на граничните премини. Овие шпекулации траеја додека албанските и црногорските служби не потврдија дека Груевски, сепак, ја користел својата лична карта.

 

СО КОГО ПАТУВАЛ?

Медиумите, освен за рутата по која се движел Груевски, на големо шпекулираа и како и со кого патувал. Црногорскиот медиум „Вјести“ објави, а македонските медиуми ја презедоа веста во која се наведени целосни имиња и презимиња на оние со кои патувал Груевски, а се унгарски дипломати во неколку амбасади, како и бројот на регистарските таблички и марките на дипломатските возила со кои патувал. Притоа, во првичната вест извор е „соговорник од полицијата“. Потоа се појави информација во унгарските медиуми, а пренесена во македонските, дека поранешниот премиер патувал со автомобил на белоруско дипломатско претставништво. И оваа информација се покажа неточна откако српскиот претседател Вучиќ изјави дека и низ Србија патувал со унгарско дипломатско возило.

 

КАДЕ БИЛ СМЕСТЕН?

Уште истиот ден кога Груевски објави дека се наоѓа во Будимпешта, телевизијата „1ТВ“, сензационалистички употребувајќи термини како „Ексклузивно…“ и „велат нашите информатори“ објави дека тој една ноќ престојувал во хотелот „Коринтија“ во центарот на Будимпешта. Од хотелот ја негираа оваа информација. Потоа, повторно сензационалистички, а истовремено шпекулативно и непотврдено објавија дека тој се наоѓа во вилата на Орбан, што, исто така, беше демантирано. Дел од медиумите, претходно, без докази, објави дека тој преспал во Амбасадата на Унгарија во Тирана.

 

КОЈ МУ ПОМОГНАЛ?

Медиумскиот простор беше преплавен од паушални обвинувања за тоа кој му помогнал на Груевски да стигне до Будимпешта. Некои медиуми ја обвинија српската служба БИА дека била вмешана, други дека унгарската служба била таа што му помогнала на Груевски. Се спомнуваа и албански служби, како и вмешаност на македонските служби. Објавена беше и информација дека Орбан го штити експремиерот Груевски по барање на Русија, без притоа да се образложи ова обвинување истресено од ракав.

 

КРАЈНАТА ЦЕЛ НА ГРУЕВСКИ?

Телевизијата „Канал 5“ објави дека иако побара азил во Унгарија, крајна дестинација на Груевски му е Турција или Русија. Оваа вест, објавена ударно во централните вести на телевизијата, не беше потврдена од ниту еден извор. Дел од медиумите викендов, цитирајќи го бугарски „Фокус“, шпекулираа дека Груевски веќе ја напуштил Унгарија и се наоѓа во друга земја. Македонското министерство за внатрешни работи ја демантира и оваа информација.