На овој напис му недостига контекст поради тоа што во насловот се наведува дека 22 лица починале, иако се вакцинирале, а 664 се заразиле, но притоа не се кажува дека примиле само 1 доза и биле во период на инкубација. Односно, веќе биле во процес на инфицирање со корона-вирусот за време на примање на дозата. Тоа што овие лица починале или се разболеле не може да биде поврзано со вакцината поради нејзиниот начин на дејствување, бидејќи треба да се примат две дози од вакцината и да помине време по втората доза за да се создаде имунитетот, а тој временски период е различен за различни вакцини
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто е споделен текст со наслов: „22 починале и покрај тоа што се вакцинирале, а 664 се заразиле со корона во Македонија“. На фејсбук-страницата каде што е објавен постот, во описот над линкот е поставено прашањето: „Како е можно?“. Единствениот спорен елемент е насловот, а текстот е коректен, бидејќи во него е објаснето дека починатите биле во фаза на инкубација во моментот кога ја примиле првата доза од вакцината.
„Вистиномер“ се обрати во Министерството за здравство за објаснување околу овие податоци и бројки. Оттаму го добивме следниот одговор:
Нема смртни случаи како последица на примена вакцина во нашата земја. Според податоците, лицата што биле потврдени како ковид позитивни по примена вакцина, или починале, за истите е констатирано дека биле во период на инкубација на вирусот кога ја примиле вакцината. Истите тие лица, кога дошле на вакцинација немале симпоми, но го носеле вирусот во себе. И тие настани се имаат случено во рок од 14 дена, односно во период во кој вакцината не обезедува заштита.
Со оглед на фактот што лицата што заболеле или починале по вакцинацијата биле во период на инкубација, неоспорно е дека нивната смрт или нивното инфицирање со корона-вирусот, не се поврзани со вакцината, како што се инсинуира во насловот, туку со самата болест – ковид-19.
Насловот, вака како што е напишан, може да ги наведе читателите дека бројките за починатите и заболените се однесуваат на лица што заболеле по севкупната вакцинација, иако станува збор за лица што веќе биле во период на инкубација и/или примиле само една доза. Нивната смрт не е поврзана со вакцината затоа што таа не ни имала време да дејствува, односно да ја исполни својата функција да создаде имунитет. Освен тоа, една доза од вакцината во земјава, и во повеќето случаи во странство и во Европа, не претставува целосна вакцинација. Потребни се две дози за да се добие вакцинален картон, односно потребно е да се осигури дека и втората доза е примена и дека поминало време по втората доза за да се создаде имунитетот. Тој временски период е различен за различни вакцини.
Повеќе експерти меѓу кои и претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски, потврдија дека потребни се неколку недели по примањето на втората доза за да се развие имунитетот, односно заштитата од корона-вирусот. Па, затоа се препорачува граѓаните да бидат исклучително внимателни ако примиле само една доза, односно да се однесуваат како да не се вакцинирани.
Во врска со ова доктор Караџовски на прес-конференција на 17 март 2021 година рече:
По првата примена доза на вакцина потребни се две-три недели до втората доза. За тоа време е потребна максимална внимателност, носење маска, држење дистанца, неконтактирање со можни позитивни лица, зашто инфекцијата е можна. Исто толку време на максимална внимателност е потребна и по втората доза, додека не се создаде целосен ефект од вакцината.
За одбележување е тоа што има вакцини како таа на кинески „Синофарм“, на пример, која имунитетот го обезбедува шест недели по втората доза, односно девет недели по првата доза.
Реинфекцијата со ковид-19 е можна дури и откако ќе прележите, дури и откако ќе се вакцинирате со првата доза! Вакцината штити од тешка форма на ковид-19 и од хоспитализација, но уште се испитува дали дури и вакцинираните можат да го пренесуваат вирусот.
Една доза не претставува заштита од ковид, особено кога, како во случајот, не се поминати доволен број денови за да се создаде имунитетот. Националниот комитет за имунизација во земјава, засега се води според препораките на Светската здравствена организација, односно аплицирањето на две дози од вакцината (значи вакцина и ревакцина) се спроведува за сите граѓани што се согласуваат и изразуваат интерес за вакцинација. За тие што ја прележале болеста, се напоменува дека е потребно да бидат во општо добра здравствена состојба, односно да немаат симптоми.
Поради сите горенаведени информации, оценуваме дека на насловот му недостига контекст, поради тоа што наведува дека 22 лица починале, иако се вакцинирале, а 664 се заразиле, но притоа не се кажува дека примиле само 1 доза и биле во период на инкубација. Односно, веќе биле во процес на инфицирање со корона-вирусот за време на примање на дозата. Тоа што овие лица починале или се разболеле не може да биде поврзано со вакцината поради нејзиниот начин на дејствување, бидејќи треба да се примат две дози од вакцината и да помине време по втрата доза за да се создаде имунитетот, а тој временски период е различен за различни вакцини.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.