Снимка од документарец за Тоше стара 6 години претставена како да „испливала сега“

На 27 февруари 2015 година, на jутјуб-каналот на „Ал Џезира“ е објавен краток документарен филм за Тоше Проески, во којшто естрадни ѕвезди зборуваат за Тоше Проески. Дел од овој краток документарец е исечен во текстот што се споделува во постот и е претставен како да е „нова снимка,“ што не е точно. Снимката е од интервјуто во „Вртелешка“, стара 14 години, а документарецот на „Ал Џезира,“ во кој што зборува Весна Петрушевска, е стар 6 години

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто сензационалистички во насловот се тврди:

ИСПЛИВА ПОТРЕСНА СНИМКА ОД ПОСЛЕДНИТЕ ЧАСОВИ НА ТОШЕ! Пејачот се видел со оваа жена која му порачала: Те сакам, чувај се, потоа повеќе го немаше (видео).

Но, кога ќе се кликне на содржината, се доаѓа до неизбежниот впечаток дека станува збор за клик-бејт наслов, којшто не се однесува на некаква снимка која „испливала“ (самиот збор сугерира на нешто ново, досега необјавено видео во етерот), туку на стара снимка, којашто е објавена пред 14 години. Кога ќе се погледне снимката објавена на „Јутјуб“, ќе се види дека станува збор за видеоматеријал – снимка од емисијата „Вртелешка“ со Весна Петрушевска, каде што Тоше Проески го имаше последното гостување пред да загине во сообраќајната несреќа, која се случи во Хрватска. Ова гостување е од 15 октомври 2007 година, а видеоматеријалот на „Јутјуб“ е прегледан 228 илјади пати само на овој линк.

Од неразбирливи причини во насловот не се кажува која е жената со којашто се видел Тоше, иако е познато во јавноста дека тој последното свое интервју го имаше токму во емисијата „Вртелешка“. Особено не е јасно зошто познатата актерка и авторка на емисијата „Вртелешка“ се ословува како „оваа жена“. Во секој случај, видеото воопшто не е ново, ниту „испливало“, туку го објавил некој корисник на социјалната мрежа „Тик-ток“ .

Насловот на текстот воопшто не е соодветен, а информацијата не ги исполнува стандардите за тоа што е вест. Првиот критериум на веста е информацијата да е нова, а не стара 14 години. Дополнително, оваа снимка е најавена со големи букви во насловот за да се привлече што поголем број кликови.

Исто така, освен во насловот и во првиот пасус на текстот се сугерира дека снимката е нова, односно дека се случило „сега“ да „исплива“:

Музичката сцена во регионот години после загинувањето на Тоше Проески не може да се помири со неговото прерано заминување, сега испливала снимка која настанала само неколку часа пред оваа несреќа, се тврди во текстот.

Поради фактот што во снимката нема ниедна новост, а таа е јавна и достапна повеќе од една деценија, информацијата дека таа „сега испливала“ ја оценуваме како невистинита. На 27 февруари 2015 година, на јутјуб-каналот на „Ал Џезира“, објавен е краток документарен филм за Тоше Проески, во којшто естрадни ѕвезди зборуваат за Тоше Проески. Дел од овој краток документарец е исечен во текстот што се споделува во постот и е претставен како да е нова снимка, што не е точно. Снимката е од интервјуто во „Вртелешка“, стара 14 години, а документарецот на „Ал Џезира“ во кој што зборува Весна Петрушевска е стар 6 години.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.