Во пост на Фејсбук преку фотомонтажа се манипулира јавноста со теорија на заговор дека короната е вештачки создадена и подметната во капсула од страна америкланската армија
Со очигледна фотомонтажа непознат автор сугерира дека Ковид-19 е креиран од страна на американската армија и тоа во склоп на некаков ,,протокол за истребување” и дека на таков начин вирусот е раширен во Италија. Иако фотографија најнапред се појави на италијанското говорно подрачје, па во Босна и Херцеговина, не ја заобиколи ниту Македонија. Оваа објава, којашто датира од април godinava, сега е повторно актуелизирана и се коментира и споделува на Фејсбук.
Уште на почетокот, кога се појави на интернет просторот во Италија, оваа информација е експресно негирана и побиена од страна на италијанските факт чекери.
Тие се повикуваат на фонтот со кој е испишан текстот врз тоа што се тврди дека е капсула, како и позиционираноста на текстот. Понатаму, дека станува збор за измама која има за цел да поткрепи теорија на заговор, потврдува и фактот што се тврди дека во наводната капсула има ,,Ковид-19″.
Бидејќи Ковид-19 е името на болеста предизвикана од патогенот, односно вирусот Сарс Ков 2, тогаш комплетно е нелогично во капсула да се смести самата болест. Тоа е исто како да кажете дека имате полна капсула дијабетес или шишенце главоболка.
Понатаму, како што пишуваат и италијанските проверувачи на факти, оваа информација не е пренесена во ниту еден медиум, особено не релевантен медиум и претставува фантазија.
Како што наведува Светската здравствена организација, потеклото на вирусот е животинско и нема научни докази кои што водат кон тоа да се смета дека истиот е вештачки конструиран или изманипулиран, како што се обидува да инсинуира оваа невешта фотомонтажа.
Информацијата проследена со фотографија ја оценуваме како комплетно невистинита и теорија на заговор.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.