Објава на социјалната мрежа Фејсбук ја дезинформира јавноста дека Ерменскиот одред на доброволци „Шеган Магрјан“ убил 20 турски специјалци во Нагорно-Карабах. Од видеото во прилог на текстот може да се види дека не се работи за турски специјални сили, туку за азербејџански.
Конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан предизвикува многу внимание во јавноста. Неофицијално се зборува за голема поддршка на Ерменија од Русија и на Азербејџан од Турција.
Но, за физичка поддршка преку испраќање специјални сили за борба од трети земји, нема никакви официјални и досега потврдени податоци. Ниту за руска поддршка од таков вид, ниту за турска во овој воен конфликт.
Во оваа медиумска објава која се споделува на Фејсбук, се вели дека „Ерменскиот одред на доброволци „Шеган Магрјан“ убил 20 турски специјалци во Нагорно-Карабах“.
Како поткрепа за оваа вест споделено е видео од акцијата. Но, во видеото се вели дека станува збор на специјални сили на Азербејџан, а не на Турција. Зошто во текстот се вели дека се работи за турски специјални сили, а не за азербејџански е непознато.
Освен што дава погрешни информации, целиот текст, почнувајќи од насловот, е сензационалистички, па дури и навивачки за едната страна.
Турските специјалци на Кавказот немаа шанси: Ерменските доброволци ги масакрираа, преживеаа само двајца
Овој пост предизвика прилично големо внимание, тој во момнтот кога е пишувана рецензијата има 303 интеракции, 188 коментари и 8 споделувања.
Со објава на ваква неточна и сензационалистичка вест се врши манипулација на јавноста. Се креира јавно мислење кое е неточно и се кршат неколку членови од Кодексот на новинари.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.