Објава на „Фејсбук“ шири антивакцинален наратив и теорија на заговор според која постои план да се уништи светската популација преку вакцинација во три фази. Оваа конспирациска теорија е атрибуирана на наводен меморандум на Светската здравствена организација од 1972 година. Но, се разбира дека ова скандалозно тврдење не е втемелено на реалноста и не е дел од никаков меморандум на СЗО
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој што се тврди дека ковид е измама и се агитира граѓаните да ги одбиваат вакцините. Во постот се вели дека трите дози вакцина имаат цел да го убијат човекот, во три етапи. Ваквото тврдење е скандалозно, неточно, медицински неисправно и опасно по колективното здравје на луѓето, дадено од истите лица што една и пол година шират најнебулозни антивакцинални наративи и со тоа го загрозуваат и својот и животот на другите. Постот гласи:
Прва вакцина, ги исклучува белите крвни зрнца (имуниот систем) и со неа комплетно се исклучува имуниот систем на човекот и тоа создава имун дефицит.
Втората вакцина го претрупува со смртоносни отрови организмот, т.е. втората вакцина внесува разни лесни и тешки метали во човековиот организам. Во оваа етапа отровите се распоредуваат во организмот односно телото, но човекот не се чувствува болен, затоа што имуниот систем не се бори со тоа.
Трета вакцина, повторно го вклучува имуниот систем кој го тера имунитетот да создаде експлозивен тек на болеста. Пуштањето на имуниот систем провоцира моќен напад на отрови кои го убиваат човекот. Тој ефект е познат како цитокинско јурење кога имуниот систем е толку потресен што праќа премногу антитела кон заразените делови. Така телото се убива самото себе.
Кои се фактите?
Во странство, ваквата теорија на заговор му е атрибуирана на наводен меморандум на Светската здравствена организација од 1972 година. Но, се разбира дека ова скандалозно тврдење и наводен план за уништување на светското население не е на СЗО и не било дел од никаков меморандум.
Станува збор за дел од книгата што ја напишала руската авторка Татјана Грачова, „Кога власта не е од Бога“, објавена во 2010 година. Текстот, цитиран во постот што го рецензираме, се наоѓа на 64 страница од оваа книга на српски јазик во поглавјето насловено „Вакцините се оружје за масовно уништување“.
Објавата се однесува на пандемијата со свинскиот грип од 2009 година предизвикана од вирусот АХ1Н1. Во книгата се кажува дека Патрик Џордан открил некакви меморандуми на СЗО. Нашата проверка на факти покажа дека меморандумот на СЗО којшто се цитира во книгата се вика „Имунопатологија поврзана со вирусите, животински модели и импликации за човекови болести“.
Целата публикација е објавена на веб-страницата на американската национална библиотека за медицина на 6 февруари 1973 година, значи достапна е 36 години пред пандемијата со свински грип во 2009 година, па јасно е дека Патрик Џордан немало што да открива, бидејќи овој меморандум е јавен повеќе децении. Иако, нема многу информации на интернет за Патрик Џордан, јасно е дека тој има своја страница за антивакцинални наративи и теории на заговор.
Во меморандумот се кажува дека вирусите, освен тоа што самите по себе може да се опасни и да предизвикаат оштетување на ткивата, може да се предизвикувачи за патолошка имунолошка реакција на телото, поради што доаѓа до уништување на здравите ќелии во имунолошкиот систем. Цитокинска бура е еден пример на таква реакција. Како што се тврди во заклучокот, овој меморандум има два дела и ги изнесува тогашните достигнувања на полето на вирусната имунопатологија, односно утврдува дека новите концепти се важни за одредени болести кај луѓето.
Во меморандумот воопшто не се споменува вакцина, а уште помалку убиство преку вакцинација во три фази со три дози!
НАДВОР ОД РЕАЛНОСТА
Тврдењето дека постои теорија на заговор да се убијат луѓето со помош на вакцинирање во три наврати е теорија на заговор. Во некои земји, како на пример, Словенија, пациентите кои прележале ковид-19 примаат само една доза.
За странски проверувачи на факти имунолозите велат дека тврдењето не е втемелено во реалноста.
Имунологот Емина Милошевиќ вели дека меморандумот на СЗО комплетно е неповрзан со вакцината. Таа напоменува дека вакцините не можат да го вклучат или исклучат имунитетот.
Тоа е до таа мера небулозно и невтемелено, што од сите теории на заговор што сум ги чула досега, оваа ми е најдалечна од реалноста. Мене како имунолог не ми паѓа на памет ништо што би можело да изведе такво нешто, да вклучи и да исклучи имунитет, никакви супстанци не можат да го изведат тоа вели таа.
Меморандумот цитиран во објавата што ја рецензираме е научен труд што е потпишан од десетина научници од целиот свет.
Овој меморандум се занимава со неодамнешниот развој на вирусната имунопатологија со посебен осврт на системите на животинскиот модел и индицира можна релевантност на новите концепти и техники за одредени болести на човекот, се вели во првиот дел од меморандумот
Во врска со ова шефот на одделението за клиничка имунологија и инфективни болести на универзитетската болница „Хенри Мондор“ и институтот за истражување на вакцините, Жан Даниел Леливру, за АФП вели:
Овој документ нема врска со вакцината. Да беше така, човештвото ќе беше веќе уништено, зашто секој примил 3 дози од иста вакцина.
На страницата за вакцинација на Министерството за здравство на РС Македонија, е наведено дека вакцината не може да ве разболи од ковид-19.
Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот КОВИД-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со КОВИД-19. Некои луѓе кои примиле вакцина пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот, пишува на страницата.
Вакцините дејствуваат на начин што создаваат имунитет против болеста, а не на начин што би го нарушиле веќе постојниот имунитет.
Поради сите горенаведени факти, тврдењето дека вакцината во три дози убива, исклучува и вклучува имунитет, како и тврдењето дека сите овие небулози биле искажани во меморандум на СЗО од 1972, го оценуваме како невистинито.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.