[Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ има поднесено предлог-амандмани на Предлог-законот за јавното обвинителство ]
Текстот што го рецензираме не нуди доказ за тврдењето дека „премиерот Зоран Заев ја излажал македонската јавност во дуелот со лидерот на опозицијата Христијан Мицоски“ во емисијата „Само вистина“, дека амандманите за Предлог-законот за јавното обвинителство не биле пристигнати. Од приложената фотографија во текстот, која се нуди како единствен „доказ“ дека наводно амандманите биле испратени во 16.19 часот на 26 март, не може да се потврди дека тие биле испратени до министерката за правда Рената Дескоска, бидејќи примачот е „поцрнет“.
Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ има поднесено предлог-амандманите на Предлог-законот за јавното обвинителство
Датум и време на објавување: 26.3.2019
Датум на рецензирање: 28.3.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Уште на самиот почеток написот тврди:
Премиерот Зоран Заев ја излажа целата македонска јавност во вечерашниот ТВ-дуел на „Канал 5“, во кој гостуваше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Имено, Заев посочи дека предлог-амандманите на Предлог-законот за јавното обвинителство не се испратени во Министерството за правда и оти министерката Рената Дескоска ги нема добиено.
Но, на фотографијата објавена во текстот нема доказ дека мејлот од адвокатот Тони Менкиноски е испратен до министерката за правда, бидејќи не се гледа кому е испратена пораката. Ниту, пак, од фотографијата може да се види дали на мејлот има закачено некаков документ.
Во текот на дуелот помеѓу Мицкоски и Заев, лидерот на опозицијата го информира премиерот дека испратиле 65 амандмани за Предлог-законот за јавното обвинителство, на што премиерот изреагира изненадено, бидејќи, како што кажа, можеби не бил информиран затоа што бил на ручек со ЕУ-амбасадорите. Но, подоцна во емисијата, Заев го демантира Мицкоски, бидејќи како што кажа, во паузата од дуелот за време на рекламниот блок се слушнал со министерката Дескоска и таа го информирала дека амандманите не биле пристигнати.
Во текот на дебатата на 26 март, со соопштение излезе и Министерство за правда, со кое се потврди изјавата на Заев, дека дотогаш ВМРО-ДПМНЕ не ги доставило амандманите.
На 27 март од Министерството за правда за МИА изјавија дека амандманите кај нив пристигнале по телевизискиот дуел помеѓу Заев и Мицкоски.
Министерката за правда Рената Дескоска, исто така, на својот фејсбук-профил на 26 март потврди дека ВМРО-ДПМНЕ амандманите ги доставила четири часа подоцна од тврдењето на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со (не)доставувањето на предлог-амандманите, еден ден по дуелот, со соопштенија излегоа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
На Рената Треневска Десковска на 26 март во 16 часот 19 минути и 16 секунди ѝ се испратени 65 предлог-амандмани на предлогот на Законот за јавното обвинителство. Дескоска да одговори пред граѓаните и пред јавноста зошто не го отвора сопствениот мејл и да каже дали добила или не порака од претседателот на Комисијата за правни работи, Тони Менкиноски? ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе предлог-амандманите во насока на подобрување на предлог-законот кој е клучен за правосудните органи во Република Македонија, се вели меѓу другото во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, одговорија дека Мицкоски на дуелот не ја говорел вистината за доставувањето на амандманите:
Мицкоски лажеше дека ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда во хартиена форма поднела амандмани за Законот. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека поднеле амандмани преку мејл во 16:19. Што се однесува до амандманите поднесени електронски преку мејл, стигнале во 20:19, откако беше откриено дека Мицкоски лаже за амандманите. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски многу добро знаат како се одвива процедурата за поднесување амандмани и затоа е јасно дека ова е уште еден нивен јалов обид за манипулирање, соопштија од СДСМ.
Инаку, амандманите во хартиена форма треба да се достават до архивата на надлежната институција. По завршувањето на емисијата во рамките на делот „Факт чекинг“ од страна на новинари на телевизијата во која Заев и Мицкоски гостуваа, беше проверено и во архивата на Собранието, од каде што било потврдено дека амандмани нема. Имајќи предвид дека станува збор за политичка партија што многу добро ги познава процедурите и не поднесува амандмани од вчера, се поставува прашањето колку е сериозно амандмани да се испраќаат на приватниот мејл на министерката?!