Тенденциозно извлекување оценка што не постои

 

 

[Рецензија: Владата на Заев доби оценка нула од германски инвеститори]

 

Текстот што го рецензираме тврди дека во анкетата за деловната клима во земјава германските инвеститори „*и дале нула“ на Владата на Заев, но во текстот не се објаснува како таа констатација се совпаѓа со големата отвореност на компаниите, да речеме кон нови инвестиции?!

Линк до оригиналниот напис: Владата на Заев доби оценка нула од германски инвеститори

Датум и време на објавување: 27.3.2019

Датум на рецензирање: 27.3.2019

Рецензент: Љубомир Костовски

 

Оценка нула за својата работа доби Владата од германските инвеститори во државата во анкетата што годинава во февруари ја спроведе Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија. Во таа анкета ниту една од испитаните компании не рекла дека Владата работи добросе вели во воведот на текстот при што се пренесува изводот од традиционалната анкета, која секој февруари ја прави споменатата Дирекција меѓу своите членки и се изнесува јавно секоја пролет.

Кога би била точна, оваа констатација би била и повеќе од сериозна – во оваа групација на стопанственици има 200 фирми со 20.000 вработени и тие прават промет од 3,65 милијарди евра годишно. Но, споменатото тврдење изнесено и во насловот на текстот е неточно.

Најпрвин, анкетата не содржи поединечни изјави, туку оценки на стопанственици класирани по одредени групи, со своја оценка. Па така, во соопштението до јавноста, скусената верзија на анкетата, уште во поднасловот стои дека „76% од инвеститорите повторно би инвестирате во Северна Македонија. Компаниите оптимисти очекуваат дека деловната 2019 ќе биде многу подобра од минатата година“. Веднаш потоа, во текстот, се констатира дека:

економска ситуација во земјата во 2018 година 5% од компаниите ја оценија како добра, а 56% ја оценуваат како лоша, 39% како задоволителна. Компаниите се оптимисти во однос на очекувањата во 2019 – 22% сметаат дека состојбите во стопанството ќе се подобрат (2018: 45%), 54% не очекуваат да има поголеми промени, 24% се песимисти и очекуваат да се влошат.

Каква и да е генералната оценка, таа секако не е „нула“.

Исто така, во принцип, насловот треба да резултира и од другите параметри. На пример, на прашањето како компаниите ја оценуваат ситуацијата од аспект на својата работа и таа во браншата, 61% од испитаниците се задоволни со моментната состојба во сопствената компанија, 29% ја оценуваат како добра, само 10% ја оценуваат како лоша.

Во  дел од медиумите е пренесена изјавата на  Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение, во која, меѓу другото, тој  истакнува дека:

Годината почна веќе со неколку нови инвестиции, а 76% од испитаните компании повторно би инвестирале во земјата.

Овие показатели сосема јасно говорат дека насловот е тенденциозен  и пласира невистина. Да напоменеме дека насловот и оценката што ја изнесе „Лидер“ беше експресно пренесена во многу други медиуми, пред сè, електронски. Инаку, редакциите добија испечатен материјал, па можеа самите да ги анализираат  резултатите на испитувањето на расположението на претставниците на 200 фирми. Но, за жал, тоа го направија само мал дел од медиумите.