Насловот на текстот што е споделен во овој пост е манипулативен. Тој е надвор од контекстот на самиот напис, во кој е пренесена изјава на државниот секретар на Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, кој ги повикува граѓаните на Србија да се вакцинираат. Ѓерлек воопшто не говори за имунизација на странци, вклучително и на Македонци
Објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја дезинформира јавноста дека граѓаните на нашата држава може да се вакцинираат во соседна Србија без закажување. Во постот е споделен текст со наслов којшто ги повикува Македонците да навалат на вакцинација во соседството:
Македонци нaвaлeтe: Bakцинациja во Србиja без зakaжувaњe
Арно ама, ова не е така.
Насловот на текстот е манипулативен. Тој е надвор од контекстот на самиот напис. Наспроти тоа што го тврди насловот, во содржината на текстот воопшто не се спомнува дека вацинацијата се однесува за С. Македонија.
Во самиот напис се најавува дека во Србија се отвораат 50 нови пункта за вакцинација, каде што граѓаните ќе можат да се имунизираат без да закажат термин. Пренесена е и изјава на државниот секретар на Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, во која тој информира за состојбата со вакцинацијата во Србија и ги повикува нивните граѓани да се вакцинираат. Тој посочува дека таму досега првата доза на вакцина за корона-вирус ја примиле 1.435.000 граѓани и оти 1.017.000 граѓани биле ревакцинирани.
Целосно имунизирани се 651.000. Продолжуваме со брзата имунизација. Луѓе мора да сфатите дека спасот за излез од оваа ситуација е брзата вакцинација.
Проблемот не е во вакцините, туку во нас. Ќе имаме вакцини од сите производители, ќе ги има за сите што сакаат да се вакцинираат. Не чекајте на повикот, тие ќе ве примат во секој момент, бидејќи сега брзината и масата на вакцинирање се важни ако сакаме да одиме на одмор во текот на летото“, вели Ѓерлек.
Значи, во текстот никаде не се говори за имунизација на странци, вклучително и на Макдеонци.
Но, наспроти ваквата содржина на текстот, избран е манипулативен наслов, кој не одговара на содржината на написот и кој испраќа погрешна порака, ама тоа се прави намерно со цел да се привлечат што повеќе кликови. Затоа и во сензационалистички манир повикува: Македонци нaвaлeтe: Bakцинациja во Србиja без зakaжувaњe.
А, дека вакцинацијата важи само за граѓаните на Србија, потврди и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која деновиве изјави дека нема да продолжи вакцинацијата на странски државјани.
Медиумите ја пренесоа изјавата на српската премиерка во која таа говори дека покажале солидарност во најтешките можни времиња и оти на Северна Македонија ѝ испратиле 8.000 вакцини на „Фајзер“ и 40.000 вакцини „Спутник V“. Во оваа прилика Брнабиќ најави дека во Србија пристигаат 106.470 вакцини „Фајзер“ и 500.000 „Синофарм“, истовремено додавајќи дека:
Вакцинирањето на граѓаните од регионот нема да продолжи во моментот, но дека и во иднина помошта ќе се дава.
Инаку, на крајот на минатиот месец повеќе илјади граѓани од регионот, вклучително и македонски се вакцинираа во Србија. Според директорот на владината Канцеларија за е-Управа, Михаило Јовановиќ, досега во Србија се вакцинирале 39 илјади странци, најмногу од БИХ, Северна Македонија и Црна Гора.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.