Тестовите за ковид-19 не се отровни, иако се стерилизирани со етилен оксид

Повеќе медицински професионалци препорачуваат брисот од нос да се зема додека главата на пациентот е исправена. Стапчето мора да биде вметнато многу наназад, затоа што за добар примерок клетките и течностите мора да се соберат од назофарингсот. Па, бидејќи телото не е навикнато да има каков било предмет во тој дел,  ова создава одредени реакции. Го активира лакрималниот рефлекс што значи дека ако брисот е земен правилно, ќе ви ги насолзи очите. Не боли, но е непријатно. Фактички ова е причината за чувството на непријатност при земањето на брисот, а не присуството на отровен етилен оксид, како што невистинито се наведува во овој пост на Фејсбук. Процесот на стерилизација е безбеден и врз медицинска опрема се спроведува со децении. Во овој процес се осигурува фактот дека етилен оксидот е ОТСТРАНЕТ од производот по стерилизацијата, односно дека го има во некои незначителни дози

 

 

Во овој пост којшто е споделен 65 пати, е објавено видео од земање на брис на женско лице. На снимката се гледа дека во моментот кога медицинскиот техничар го зема примерокот – брисот од носот, жената чувствува нелагодност и се поттргнува наназад. Ваквото непријтно чувство се должи на тоа што стапчето со памучен врв треба да се вметне подлабоко во носот. Но, во описот на видеото  лажно се тврди:

Во самиот ковид тест има ЕО (етилен окдид),отров, затоа е ова.
Дело на сатаната.
Ковид измама

На интернет се објавени упатства за медицински професионалци како треба да се зема брис од грло. За оваа постапка се препорачува:

Главата на пациентот се фаќа со рака и откако добро ќе ја отвори устата се доведува до положба при која деловите од кои земаме материјал се добро изложени на светло. Со стерилна шпатула се притиснуваат предните две третини од јазикот и пациентот изговара “А”, при што тонзиларните регии и задниот дел на ждрелото стануваат видливи и пристапни. Треба да се вимава да не се допре јазикот и ѕидовите на усната празнина. Во тој момент се пребришува слузницата само на фаринксот и тонзилите со ротирање на брисот, внимавајќи да не се провоцира рефлексот на гадење и повраќање.

Брисот од носот пак, се зема со користење на многу тенко стапче кое поминува низ ноздрата, се зема примерокот од слуз од задниот ѕид на назофаринксот, што е местото каде се среќаваат носот и устата.

Како што и претходно пишувавме, правилниот начин да се земе брис од носот е важен, а за него има доста упатства. Повеќето медицински професионалци препорачуваат да се зема брисот додека главата на пациентот е исправена. Повеќе за тоа може да прочитате во нашата претходна рецензија.

Така што, медицинскиот техничар на видеото при земањето брис од носот, всушност вметнува долго стапче со многу мек врв во носот и го врти неколку секунди. Мекиот крај ќе го собере материјалот за анализа. Стапчето мора да биде вметнато многу наназад затоа што клетките и течностите мора да се соберат од назофарингзот за добар примерок. Телото не е навикнато да има каков било предмет во тој дел, па ова создава одредени реакции. Го активира лакрималниот рефлекс што значи дека ако брисот е земен правилно, ќе ви ги насолзи очите. Не боли, но е непријатно.

Фактички ова е причината за чувството на непријатност при земањето на брисот, а не присуството на отровен етилен оксид, како што невистинито се наведува во постот што го рецензираме.

 

Што е тоа етилен оксид и за што се користи?

Етилен оксид се користи за стерилизација на материјали коишто не поднесуваат високи температури. Предноста на оваа метода е тоа што може да се прилагодува притисокот и температурата што се прави со технолошки усовршена апаратура. Точно е дека ПЦР стапчињата се стерилизирани со етилен оксид и точно е дека овој гас е канцероген. Но, тоа што не е точно е дека самите стапчиња кои се стерилизирани се опасни или штетни по здравјето на луѓето кои се изложени на тестирање за детекција на ковид-19. Покрај стапчиња, со етилен оксид се стерилизира и завој, катетар, а по стерилизацијата на медицинската опрема, се врши и дегасификација што овозможува оптимално ниво на безбедност!

Процесот на стерилизација на стапчињата со кои се зема брисот за присуство на Сарс Ков 2 е строго регулиран со интернационални стандарди. Процесот на стерилизација е безбеден и врз медицинска опрема се спроведува со децении. Во овој процес се осигурува фактот дека етилен оксидот е ОТСТРАНЕТ од производот по стерилизацијата, односно дека го има во некои незначителни дози.

На следниот линк може да ја погледнете европската регулатива за употреба на етилен оксид.

Во САД, 50 проценти од медицинската опрема е стерилизирана на овој начин.

Одделот за јавно здравје во Велика Британија за овие лаги се изјасни  вака:

Циркулираат лажни информации дека од тестовите може да добиете канцер. Тестовите за ковид-19 се ригорозно тестирани и се безбедни.

Причината поради која што не постои место за паника лежи во фактот што откако ќе биде стерилизирано стапчето за земање брис со етилен оксид, потоа се врши отстранување на супстанцата, а количините што остануваат на брисот се во рамките на ригорозно контролирани граници кои не се штетни и не предизвикуваат никакви здравствени последици.

Етилен оксид се користи за стерилизација, затоа што не ја оштетува опремата. Причината поради којашто девојката во видеото од постот се повлекува наназад, е што земањето на брис од носот е непријатно, затоа што стапчето се вметнува во назофарингсот, длабоко во носот.

Поради горенаведените факти, тврдењето дека тестовите за детекција на коронавирусот се отровни, го оценуваме како невистинито.

 

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.