Вакцините против ковид-19 не предизвикуваат стерилитет

Објава на „Фејсбук“ шири невистини дека вакцините предизвикуваат стерилитет. Комплетно со ништо не е поткрепено и тврдењето во постот дека вакцините ќе ве убијат. Иако никаде експлицитно не е наведено дека се алудира и на ковид-вакцината, сепак тоа може да се заклучи поради тоа што вакцинацијата против ковид-19 е актуелна во земјава. Вакцината против ковид е засега најефикасното оружје против развојот на тешка клиничка слика и смрт како резултат на Сарс Ков 2

 

 

Постот што го рецензираме лажно тврди дека единствената функција на вакцините е да ве убијат, да ве направат стерилни или да ве направат доживотен клиент на фармакомафијата. Како дополнителен елемент на ваквата невистина, додадена е фотографија во која се тврди, исто така, лажно, дека во светот се родиле голем број деца со аномалии, затоа што нивните мајки се вакцинирале. Официјалните извори од медицинскиот свет демантираат. Сето ова се прави во контекст на почетокот на масовната имунизација против корона-вирусот во земјава, која се одвива со вакцини од „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Спутник В“ и „Синофарм“.

Што говорат фактитите за овие вакцини кога станува збор за бременоста?

 

ВАКЦИНИ И БРЕМЕНОСТ

Комитетот за вакцинација и имунизација на Велика Британија ги советува бремените жени да се вакцинираат против ковид-19, во исто време со луѓето што се во иста возрасна или ризична грпа. Во САД 90 илјади бремени жени се вакцинирани против ковид и тоа со вакцини од производителите „Фајзер“ и „Модерна“ и не се идентификувани никакви безбедносни проблеми!

Она што се знае со сигурност е дека бремените жени кои ќе се разболат од ковид имаат поголем ризик да завршат на интензивна нега отколку жените на иста возраст што не се бремени. Жените со ковид-19 имаат од два-три пати поголем ризик да се породат со нивните бебиња порано отколку жените што немаат ковид-19.

Во насоките за бремени жени во Велика Британија официјално се кажува дека трудниците со коморбидитети се од уште поголем ризик да страдаат од сериозни компликации од ковид. Ризик-фактори за бремените жени се проблемите со имунитетот, дијабетес, висок крвен притисок, срцеви заболувања и астма, прекумерната телесна тежина, ако се повозрасни од 35 години, ако се во подоцнежната бременост од 28 недела.

Вакцините против ковид-19 им ја нудат на бремените жени најдобрата заштита од болеста којашто може да биде сериозна во подоцнежната бременост. Првата доза од ковид-19 вакцината ќе ви даде добра заштита. За подолга заштита, ви треба и втора доза и не треба да ја одложувате, тврдат официјално британските здравствени власти.

Ројал колеџот за гинекологија и акушерство посочува дека ако бремените жени што ја примиле првата доза од ковид-19 вакцината поминале без консеквенции, да ја примат и втората доза.

Што се однесува, пак, до лажното тврдење во постот , а кое се однесува на тоа дека вакцините против ковид предизвикуваат стерилитет, официјалните факти се дека не постојат информации оти вакцината предизвикува стерилитет.

 

БЕЗБЕДНОСТ

Огромниот број клинички студии покажуваат дека овие вакцини се безбедни и ефективни, меѓутоа во нив на почетокот не беа вклучени бремени жени. Тоа е единствената причина зошто им се даде на бремените жени опција да изберат дали ќе се вакцинираат или не, а не зашто било докажано дека вакцините се штетни. Во САД 90 илјади бремени жени примиле ковид-19 вакцина и немало никакви алармантни податоци.

Во С. Македонија, на официјалната веб-страница на Министерството за здравство за вакцинација, вакцината за време на бременост и лактација се препорачува според индивидуална проценка.

Во брифинг за медиумите, директорот на Институтот за имунологија, професор доктор Александар Петличковски рече дека за бремените жени и мајките кои дојат, нивните гинеколози треба да проценат дали да се вакцинираат.

Истото се однесува и на родилките. Ниту РНК, ниту векторските ниту кинеските вакцини можат да направат компликација или ризик за жени што планираат да забременат и тие може да се вакцинираат, посочи професор доктор Петличковски.

Студија пренесена во американските медиуми покажа дека бремените жени имаат поголем ризик од компликации и смрт доколку се разболат од ковид-19. Глобалната студија покажа дека бремените жени што ќе се разболат од ковид-19 имаат дури 22 пати поголем ризик да починат отколку оние што не се бремени.

Срдечно би препорачал сите бремени жени да се вакцинираат против ковид, изјави доктор Мајкл Гравет, професор по гинекологија и акушерство и еден од водечките автори на оваа студија.

Иако препораките на почетокот на пандемијата беа повеќе во насока бремените жени да почекаат и да се вакцинираат само ако се дел од некоја друга критична група на луѓе, на пример, доколку станува збор за жени што работат во здравствениот систем, па ризикот за зараза им е голем, сепак како што повеќе информации стануваат подостапни, се препорачува бремените жени да се вакцинираат.

Универзитетот „Харвард“ наведува:

Центарот за контрола и превенција на болести следи повеќе од 30 илјади жени коишто биле бремени во моментот кога ја примиле вакцината. Речиси 1.800 од нив дале детални описи на симптомите по вакцинацијата и резултатите со нивната бременост. Досега, бремените жени ги имаат истите несакани ефекти како и тие што не се бремени. Не се пријавени спонтани абортуси или прерано родени бебиња како резултат на вакцината.

Оттаму додаваат и дека не се познати никакви негативни ефекти врз плодноста, според клиничките студии. Се прават специфични студии кои треба да докажат дека бремените жени немаат поголем ризик од вакцините отколку тие коишто не се бремени.

Центарот за контрола и превенција од болести на САД ги советува бремените жени да побараат информација од својот гинеколог дали да се вакцинираат или не, но е дециден дека ризикот од компликации по здравјето и животот кај бремените жени што ќе се разболат од ковид е повисок отколку кај оние што не се бремени.

А, за оние што сакаат да забременат во иднина, Центарот за контрола и превенција на болести вели дека може да се вакцинираат бидејќи вакцините не создаваат неплодност.

Вакцините немаат во себе жив вирус и не можат да ги заразат со ковид ни мајката ни бебето.

Како што во светот се изработуваат сè поголем број научни студии за тоа каков е ефектот врз бремените жени од ковид-вакцината, се очекува да произлезат нови и нови препораки. Меѓутоа, од она што е познато досега, бремените жени во Македонија треба да се консултираат со својот гинеколог за тоа дали да ја примат вакцината, а дефинитивно е познато дека вакцината против ковид-19 не предизвикува стерилитет. 

И владата на Австралија официјално тврди дека вакцините против ковид-19 не предизвикуваат стерилитет.

За вакцините генерално е познато дека треба да се примаат од страна на жени што планираат да забременат. Вакцините можат да превенираат сериозни компликации за време на бременоста. На пример, рубеолата (вирусно заболување кое предизвикува осип и воспаленија на жлездите), може да доведе до спонтани абортуси или сериозни вродени дефекти ако невакцинирана мајка се зарази додека е бремена. Вакцинацијата против рубеола пред бременоста може да ја спречи оваа инфекција и нејзините сериозни последици. Инфекцијата од инфлуенца (грип) може да ги афектира и мајката и детето. Ако инфекција од грип се случи за време на бременоста може да доведе до предвремено раѓање. Грипот може да доведе до сериозни инфекции на белите дробови кај мајката дури и до нејзина смрт. Вакцината против инфлуенца може да превенира бремените жени да добијат инфекција или може да ја направат таа инфекција помалку сериозна.

Оттука, како невистинито го оценуваме тврдењето во постот што го рецензираме, дека вакцините, генерално, вклучително и вакцината против ковид-19 предизвикуваат стерилитет. Комплетно со ништо не е поткрепено и тврдењето дека вакцината против ковид-19 ќе ве убие. Напротив, таа е засега најефикасното оружје против развојот на тешка клиничка слика и смрт како резултат на Сарс Ков 2.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.