Топ-5 дезинформации за референдумот од 30 септември

 

Од самиот почеток на најавата за референдум, па до неговото одржување, во јавноста проструија многу информации за тоа од каков тип ќе биде, кој ќе го поддржи, кој ќе го бојкотира, дали цензусот ќе се намали и слично. На социјалните мрежи и во медиумите, особено електронските, почнаа да се објавуваат многу лажни вести и дезинформации

 

На 30 септември во Македонија се одржа третиот по ред референдум на државно ниво, на кој граѓаните на Македонија се изјаснија за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“. Референдумот беше неуспешен, бидејќи на гласање не излегоа повеќе од половината избирачи запишани во избирачкиот список. Според податоците што ги објави Државната изборна комисија, одѕивот на референдумот изнесуваше 36,91 отсто од вкупниот број избирачи. На гласање излегоа вкупно 666.743 гласачи, при што 609.813 од нив гласаа „ЗА“, додека 37.700 гласаа „против“, а имаше и 19.221 неважечки ливчиња.

Одлуката за спроведување на кампањата за референдумот Владата ја донесе на 14.8.2018 година.

Кампањата за референдумот ќе се спроведе со цел споделување информации од јавен интерес за граѓаните/гласачите во Република Македонија, околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон алијансата и кон Унијата, објави Владата.

Голем број високи функционери од странство и особено лидери на земји од Европската Унија дадоа поддршка за опцијата „за“, бидејќи, како што нагласија, тоа ќе ја доближи Македонија до ЕУ и НАТО. Меѓу тие што ја посетија земјата со поддршка на референдумот беа германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, американскиот секретар за одбрана Џим Матис, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Овде издвоивме топ-5 дезинформации за референдумот.

 

1.ВМРО-ДПМНЕ НЕ РАЗМИСЛУВА ЗА ТИВОК РЕФЕРЕНДУМ

Митко Јанчев, еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет, беше гостин во емисијата Топ Тема на ваша страна, каде што го изјави следново:

Не сум дел од тивок бојкот, мислам дека членовите на ИК и претседателот на партијата немаат и не треба да имаат такви размислувања. ВМРО ДПМНЕ размислува како побрзо да се врати на власт.

Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, се закани дека ќе го бојкотира референдумот. И, иако на почетокот на септември, само неколку недели пред референдумот, лидерот на партијата Христијан Мицкоски, излезе со изјава со која ги повика граѓаните да постапат според сопственото убедување кога станува збор за бојкот или не, сепак, голем број постапки на високите функционери на партијата покажаа дека таа и тоа како спроведува тивок бојкот.

Во јавноста, партии, невладини организации и граѓански иницијативи формираа Кризен штаб за референдумот, кој ја водеше кампањата „Македонија бојкотира“. Потпис на Меморандумот за соработка ставија 28 организации, а фронтот го предводеше, Јанко Бачев, лидер на партијата „Единствена Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ јавно не беше дел од Кризниот штаб на референдумот.

Но, состојбите на теренот покажуваат сосема поинаква реалност. Партијата воопшто не учествуваше во референдумската кампања. Потоа, речиси сите највисоки и најважни функционери на партијата или лица на високи државни позиции именувани или кандидирани од ВМРО-ДПМНЕ, поконкретно членовите на Извршниот комитет на партијата  и претседателот и тоа како преземаа чекори и мерки, кои можеа да се оценат како тивок бојкот. Овие чекори беа такви што помагаа референдумот да не успее не на начин што би имало поголем број на гласови „против“ дадени на гласачките места, туку преку неизлегување на гласање од страна на симпатизерите и членството на ВМРО-ДПМНЕ.

Така, на пример, еден од видните партиски функционери и поранешен министер за надворешнит работи, Антонио Милошоски, јавно и отворено истакна дека ќе го бојкотира референдумот уште пред органите на партијата да заземат било каков став. Потоа, редица високи функционери, како Трајко Велјановски, претходниот парламентарен спикер, исто така, отворено призна дека ќе го бојкотира референдумот. Тоа го стори и претседателот Ѓорѓи Иванов, инаку на изборите претседателски кандидат токму на ВМРО-ДПМНЕ, како и почесниот претседател и поранешен премиер Никола Груевски. Кога олку многу високи функционери на партијата отворено изјавуваат дека ќе го бојкотираат референдумот, единствен начин на кој тоа може да се протолкува е дека и партијата, исто така, го бојкотира. Бесмислено е да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ не спроведува тивок бојкот, а сите нејзини највисоки функционери одбиваат да гласаат.

 

2.ВМРО-ДПМНЕ НЕМА НИШТО ЗАЕДНИЧКО СО „БОЈКОТИРАМ“

Понатаму, има и премногу показатели на поврзаност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и она што се нарекуваше „Бојкотирам“, кое беше претставено како самостојно и непартиско движење. Но, од друга страна, пак, видео материјалите со повици на бојкот на референдумот од „Бојкотирам“ во голем дел користеа кадри и цели сегменти од предизборните видеа на ВМРО-ДПМНЕ, како и од видео клипови од промоцијата „Македонија вечна“ направени во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, но овојпат прилагодени за ширење на пораката за бојкотот. Исто така, трибината пред Собранието на Република Македонија, од која се славеше „успешниот“ бојкот, беше преполна со функционери на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а додека се славеше на пред Собранието на РМ заради непостигнатиот цензус на референдумот, истото тоа се случуваше и во штабот на ВМРО-ДПМНЕ додека се чекаше да се појави претседателот Кристијан Мицкоски и да одржи прес конференција.

Понатаму, целата реторика на „Бојкотирам“ беше многу слична на онаа на ВМРО-ДПМНЕ откако партијата премина во опозиција. Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ здушно ги следеа активностите на „Бојкотирам“ и позитивно известуваа за нив, давајќи им неограничен простор, каков што освен ВМРО-ДПМНЕ никој друг не го добива.

Исто така, кога станува збор за активностите на „Бојкотирам“ на социјалните мрежи, истите анонимни профили кои во текот на предизборните кампањи агитираат за ВМРО-ДПМНЕ пред референдумот се појавија со канонади статуси и твитови во кои се повикуваше на бојкот на референдумот и се напаѓаа домашните и странските државници кои дадоа поддршка на референдумот и на Преспанскиот договор.

Така што, дури и ВМРО-ДПМНЕ да го нема организирано „Бојкотирам“, како што тврдат во партијата, сепак, и премногу заеднички политики и допирни точки во делувањето и реагирањето на политичките настани има меѓу нив за да може да се тврди дека немаат никаква поврзаност.

 

3. ЛИЧНИ КАРТИ КАКО ГАРАНЦИЈА ЗА БОЈКОТ

Поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Ване Цветанов, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ  ги терала своите симпатизери и членови кај неа да ги „заложат“ своите документи за идентификација (лични карти и пасоши) како форма на сигурен бојкот и неможност од промена на мислењето.

Референдумот е ваш глас за ЕУ и НАТО. Ваш глас за иднината на Македонија! Затоа не подлегнувајте на закани и притисоци. Барањето на лични карти е обид за трговија и пазар со нив, што секако нема да помине. Криминалците ќе си лежат!, објави Цветанов.

Ова негово тврдење не беше проверено од надлежните институции и остана да „лебди“ во текот на референдумскиот процес.

 

4. ИМЕТО ЌЕ СЕ МЕНУВА НА РЕФЕРЕНДУМ БЕЗ ЦЕНЗУС

Се подготвува ли терен преку исклучување на цензусот за излезеност од 50 отсто на претстојниот референдум и измена на Законот за референдум да се изигра волјата на македонскиот народ. Ваков текст во текот на јуни објави порталот Таратур, цитирајќи ја  телевизија „Алфа“.

Политичките аналитичари што ги бранат политиките на Власта веќе ја кројат сликата за тоа кое сценарио би било најпогодно за референдумот и мислењето на граѓаните за Договорот со Грција. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за „Алсат“ вели дека единствен начин за обезбедување фер натпревар на референдумот било да се исклучи цензусот за излезеност од 50 отсто.

На 21 јуни министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во емисијата „Топ-тема“ на „Телма“, го спомна намалувањето на цензусот за референдум, но од аспект на тоа што не се знае колку точно гласачи имаме во државата, имајќи предвид дека не е направен попис. Но, во никој случај не кажа дека Владата има таква намера.

Потсети дека на Избирачкиот список има околу 1 милион и 800 илјади гласачи, но дека постојано се зборува за околу 500 илјади иселени лица. Но, сега вели, нема ниту време за прочистување на списокот, па мора да се носат политички одлуки, рекол Димитров, објави „Телма“.

На 02 јули  министерката за правда, Рената Дескоска,  во обраќањето на третата сесија на Охридската школа на природното право на тема „Добро управување и правни реформи“,  децидно кажа дека нема да се намалува цензусот за референдумот:

Битен елемент што го сочинува мозаикот на владеење на правото е супремацијата на Уставот. Видовме дека Уставот досега беше лист хартија што се газеше и не се почитуваше – заложбата на новата Влада е Уставот да биде свето писмо, кое треба да го имплементираме во секојдневното живеење. Како правник и како министер сега, слушам различни прашања деновиве за тоа дали можеме со Законот за референдум да го менуваме цензусот за референдумот? Не може, затоа што цензусот е уставна категорија. Ако се залагаме за владеење на правото и за почитување на Уставот, не можеме да менуваме нешто што е изрично уставно загарантирано.

 

5. ТОДОРОВ ЌЕ ГЛАСА „ЗА“ НА РЕФЕРЕНДУМОТ

Во екот на кампањата за референдумот, како бомба одекна веста во дел од медиумите дека поранешниот министер за здравство и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, ќе гласа „за“ на референдумот.

Тодоров, кој учествува на трибина во МНР насловена „Дебатираме за НАТО“, објасни дека ќе гласа „за“ затоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ не зазема став околу референдумот, туку им остави на поддржувачите да постапат по сопствено убедување, објави „Слободен печат“.

Ваквата информација експресно беше демантирана од Тодоров, кој се огласи преку „Фејсбук“:

Лажна вест е дека сум рекол оти ќе гласам „за” на референдумот. Напротив, реков дека срце не ми дава да заокружам „за”. Јасно кажувам дека ќе гласам „против“ договорот, а за ЕУ и НАТО. Ќе си го напишам сам прашањето, и вака ќе си го одговорам.