[Рецензија: Бочварски со дваесетина млади без маски и дистанца го честиташе 9 мај]
Телевизијата „Алфа“ во прилог во вестите на 9 мај (2020), по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа ги манипулира гледачите со стара фотографија преставувајќи ја како нова и актуелна.
Во еден од прилозите во вестите тој ден објавена е дезинформација дека градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, го честитал 9 мај со дваесетина млади без маска и дистанца, спротивно на мерките предвидени за спречување на ширењето на корона-вирусот.
Линк до оригиналниот напис: Бочварски со дваесетина млади без маски и дистанца го честиташе 9 мај
Датум и време на објавување: 9.5.2020
Датум на рецензија: 10.5.2020
Рецензент: Симона Атанасова
На објавената фотографија навистина се гледа дека Бочварски е опкружен со млади без маски и кои не држат соодветна дистанца. Но, она што е скриено како информација е дека фотографијата е стара две години. Снимена е на одбележувањето на Денот на Европа во Штип во 2018 година, а не оваа година.
За оваа објава реагира и самиот Бочварски, кој на „Фејсбук“ појасни дека фотографијата е стара и побара извинување од ТВ „Алфа“.
Најостро реагирам на лажната пропаганда која е пласирана на телевизија „Алфа“ со цел ширење лаги и манипулации на граѓаните. Запрепастува како се осмелиле да употребат фотографија за која јасно стои во описот дека е од настан што се случи пред две години, во 2018 година, а којшто тогаш беше медиумски покриен од сите национални медиуми, настан на кој присуствуваше тогашниот Претседател на Владата Зоран Заев и високи претставници на Европската Унија, како и многу амбасадори од европските земји.
Очекувам од ТВ „Алфа“ во сите други изданија на нивните вести во текот на денов да се извинат за ширењето на оваа лажна вест.
Време е да се стави крај на ширењето лажни вести.
Во вестите во 17.30 часот, телевизијата објави дека е направена грешка и му се извини на Бочварски за направениот пропуст.
Кога грешката е ненамерно направена, знаеме јавно да признаеме и да се извиниме, се вели во извинувањето од ТВ „Алфа“.
Објавувањето демант, односно исправка е должност на секој медиум што свесно или несвесно ќе ја изманипулира или дезинформира јавноста. Тоа го предвидува и Кодексот на новинарите, каде што во членот 3 е наведено дека:
Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.
Во овој случај Телевизија „Алфа“, иако првично објави неточна информација, сепак, по реакцијата на Бочварски, објави исправка и извинување.