Како печурки по дожд никнуваат измамите на профили на социјалните мрежи со наводни магнетизирачки својства што ги добиваат луѓето по вакцинацијата со антиковид-вакцините. Во оваа рецензија бележиме уште еден таков пример
Објава на приватен профил на фејсбук-мрежата нуди лажно тврдење дека човекот што е прикажан бил вакциниран со антиковид-вакцината, па потоа можел да си залепи паричка на надлактицата, тому како последица на вакцината.
Во објавата само кратко се наведува:
Мојот колега по вакцина
На фотографијата под ваквата објава се прикажува дел од надлактица на непознат човек, на која стои метална 10 денарка. И ниту еден друг детал.
Факти за наводниот „магнетизам“
„Вистиномер“, како и другите проверувачи на факти во светот, неколку пати ги разоткриваа како лажни ваквите објави, кои се намножија последните недели по социјалните мрежи, а од она што може да се забележи, објавите станале тренд и кај нас. Затоа, тука само кратко ќе бидат наведени неколку факти:
- Во составот на ниту една вакцина што досега е одобрена за употреба против ковид, од познатите што се употребуваат и кај нас, нема ниту еден елемент што би имал магнетизирачки својства.
- Најмногу се шпекулира со наводни метали и се споменува алуминиумот како состав на повеќе вакцини од минатото, но ниту тој нема магнетизирачки својства. Освен ова, се споменуваат и железото или никелот, но и овие метали, како и алуминиумот, ги нема во составот на вакцините.
- Физичари тврдат дека дури и некој да сака намерно да уфрли метал со магнетизирачки својства, тоа е невозможно да се стори поради физичкиот обем, т.е. дијаметарот на иглите, но и дозите на вакцините, кои се премали за да се вметне во нив елемент што би го предизвикал магнетизмот со сила доволна да лепи метални предмети на кожата.
- Трендот почна да се шири на социјалната мрежа „Тик-Ток“, а откако зазеде големи размери и предизвика штети по јавното здравје, ширејќи страв кон вакцините, корисничката на профилот што си поиграла со вистината јавно се извини на истата мрежа и призна дека станува збор за измама.
Сите овие факти и многу други, можете да ги прочитате и на „Вистиномер“ во текстовите „Вакцините против ковид немаат магнетизирачко својство“, потоа „Со метал-детектор не може да се утврди ништо за вакцините зашто тие не содржат метали“, како и во текстот „Руската вакцина ‘Спутник В’ нема магнетиизирачки компоненти“ .
Опасни објави што го загрозуваат јавното здравје
Но, ваквите тврдења продолжуваат да се објавуваат, како што може да се види и во објавата што е предмет на оваа рецензија, па дури и со детали што може да се видат во коментарите, од типот дека вакцината била „кинеска“, а една од пријателките на авторката што ја пласира објавата дури и се расправа со лицата што имаат спротивно мислење и пласира и други вакви постови со невистини.
Во конкретниот пример, објавата нема никави факти врз кои може да се потпре читателот за да поверува. Ниту има идентитет на „колегата“, ниту има прикажан доказ дека се вакцинирал ниту фотографијата докажува некакви магнетизирачки својства, зашто и според примерите и во светот, таквото „лепење“ паричка на кожата е обичен трик.
Може да се заклучи дека оваа објава е невистина поради сите погоре наведени аргументи. Но, и да се заклучи дека без оглед дали ваквите постови се објавуваат поради забава и кликови или намерно со антиваксерска позадина, тие причинуваат сериозна штета за јавното здравје поради невистини за ефектите од вакцините и со тоа одвраќаат луѓе од процесот на вакцинација.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.