Вакцината на „Фајзер-Бионтек“ не прави проблем на јајчниците и на плодноста

Објава на „Фејсбук“ погрешно претставува истражување од Јапонија, по што се вади заклучок дека вакцината на „Фајзер-Бионтек“ влијае на создавање негативни ефекти врз човековиот организам

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој што се изнесуваат податоци кои се надвор од контекстот. Во постот авторката тврди дека во збирниот извештај за особините на лекот нема податоци за фармакокинетиката на вакцината од „Фајзер“ и приложува наводна тајна студија, која „протекла“ во јавноста, а според која, наводно, честичките од вакцината се наталожуваат на јајчниците кај жените. Ова првично е објавено на форум во група која се опишува како заедница на теоретичари на заговор.

Студија од Јапонија за биодистрибуција на ковид-19 продуктите, покажува дека мРНК оди во јајчниците и надбубрежната жлезда, што сугерира зошто се појавуваат срцеви воспаленија, тромбови и други опасни несакани ефекти, наведува таа во своето тврдење.

Прво ќе почнеме од дефинициите. Фармакокинетиката опишува како организмот влијае на специфична хемиска супстанција по администрација преку механизмите на апсорпција и дистрибуција, како и метаболичките промени на супстанцијата во организмот. Фармакокинетските особини на лековите зависат и од патот на администрација и дозата. 

 

Израелска научна студија ја разобличува дезинформацијата

Кога ќе ја примите вакцината против ковид, тоа нема да ја наруши функцијата на вашите јајчници, исто како што нема да го направи тоа ниту корона-вирусот. Овој заклучок го добија израелските научници, кои спроведоа студија што покажа дека нема разлика во функцијата на јајчниците меѓу вакцинираните и невакцинираните жени. Според оваа студија, немало разлика во функцијата на јајчниците ниту кај оние што биле заразени со ковид-19 и оние што не биле.

Доктор Анат Хершко од болницата „Хадаша“ во Ерусалим, ги проучувала функциите на јајчниците кај жените.
Нема разлика во функционирањето на јајчниците меѓу жените што се вакцинираа со „Фајзер“ и невакцинираните, рече таа адресирајќи ги лажните наводи дека вакцината предизвикува неплодност.
Студијата врз 32 пациентки заклучила дека антителата навистина стигнале до јајчниците и кај вакцинираните и кај прележаните пациентки, но немало негативен ефект од нив, откако биле проверени клучните фактори како нивоата на хормоните и соодносот на естроген со бројот на јајце-клетки.

Многу жени во репродуктивна возраст, особено оние што имаат проблем да зачнат, беа загрижени за вакцината и дали таа предизвикува неплодност или ја нарушува ефективноста од третманот за плодност. Но оваа студија осигурува дека квалитетот на овулацијата не е загрозен на ниеден начин, додаде таа.

Доктор Удо Маркерт од Универзитетот „Џена“ за „Дојче веле“ вели дека по инфекција со корона-вирусот, жените се изложени на многу поголеми количества протеини отколку по вакцинацијата.

Ако теоријата за неплодност по вакцинација беше точна, тогаш ковид-19 ќе имаше многу пострашни последици за женската плодност отколку самата вакцина, затоа што по инфекцијата жените се изложени на многу поголеми количества протеини отколку по вакцинацијата, објаснува тој.

Маркерт додава дека жените што се заразиле со сарс во 2003 година, немале последица неплодност. Спајк-протеинот на сарс е многу сличен на тој пронајден во Сарс-Ков-2.

Меѓутоа, во постот што го рецензираме се тврди дека МРНК оди во јајчниците и надбубрежната жлезда и затоа се случуваат срцеви воспаленија, тромбови и други опасни несакани ефекти од вакцината на „Фајзер“.

„Вистиномер“ ја разгледа оваа студија, која е цитирана во постот што го рецензираме и се консултира со експерти од областа на медицината за да ја објаснат. Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски објасни дека материјалниот ентитет, спајк-протеин, воопшто не влегува во организмот.

Инструкцијата за негово производство, во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата (рибозомот), а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк-протеин што ќе го произведе клетката (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со тој на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк-протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имунолошки одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк-протеин – а не е – овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од таа што ја произведува САМИОТ вирус, потребна да направи штета, вели проф. доктор Даниловски.

Студијата е јавно достапна, ја користела и ЕМА

Иако лажно се тврди дека оваа студија од Јапонија „протекла“, со што се инсинуира дека таа била некако затскриена, сепак таа е јавно достапна со месеци. Како што може да се види од следниот документ, таа била и користена од страна на Европската медицинска агенција во одобрувањето на вакцините (страница 45 овде).

Од студијата јасно може да се види дека е спроведена врз глувци, а не врз луѓе. Резултатите од оваа студија на начинот на кој се претставени во постот што го рецензираме се неточно претставени. Зошто? Затоа што се наведува јавноста да помисли дека она што е мерено во студијата се концентрации и акумулации на спајк-протеинот кој се создава по вакцинацијата, а, всушност, тоа што е мерено е липидна концентрација!

Фотографија од дел од студијата која што е манипулирачка

Оваа фотографија, која е споделена во постот, се користи на начин што е манипулативен. Потцртани со жолта боја се деловите што треба да сугерираат дека по повеќе поминати часови по вакцинацијата се создава поголема липидна концентрација во јајчниците. Меѓутоа, ако се погледне од десната страна за КОНТЕКСТ, ќе се види дека концентрацијата расте зашто расте и дозата на дадената вакцина, така што таа во моментот кога била дадена во највисока доза, изнесувала 0.095 проценти, односно 0.00095 од дозата. Не на спајк-протеинот, туку на вакцината! Тоа не е потцртано во фотографијата за да се манипулира со неа.

Ова се прави и покрај тоа што има јасни докази кои сугерираат дека вакцината нема ефект на функцијата на јајчниците.

Оттука, оценуваме дека е пропуштен контекстот во постот кој го рецензираме. Студијата не е спроведена на луѓе, туку на глувци. Таа не била скриена, туку употребувана од Европската медицинска агенција при одобрувањето на вакцината на „Фајзер-Бионтек“ и тоа што МРНК оди во јајчниците на глувците што биле во експериментот, не предизвикува никаква дисфункција на јајчниците на луѓето.

Вакцината на „Фајзер“ не предизвикува неплодност и не предизвикува никакви проблеми со јајчниците. Не е точно тоа што се тврди во постот дека концентрацијата на МРНК во јајчниците предизвикува проблеми со тромбови.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.