Објава на „Фејсбук“ на дигитален медиум, поради испуштен контекст, погрешно ги наведува читателите дека ќе дознаат детали за законските измени во ЗРО за времето на стапувањето во сила на тие измени. Но во објавата таква информација нема
Рецензираме вест со пост на „Фејсбук“ со наслов „Недела неработен ден во Македонија – еве од кога почнува да важи“. Во текстот се информира за одлука донесена на седница на владата за која информираа премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за економија Крешник Бектеши.
Иако во насловот на текстот се вели „еве од кога ќе почне да важи недела да биде неработен ден“, сепак, во текстот не постои ниту конкретна информација ниту навестување за тоа од кога ќе почне да важат измените на Законот за работните односи и измените на Законот за трговијата. Со оглед на тоа што истиот ден кога е објавен текстот, Владата информира дека усвоила предлог-закон за недела ден за неделен одмор, евидентно е дека не станува збор за актуелно, туку за законско решение кое ќе функционира во иднина.
Предлог-законот е поднесен во Собранието
Иако насловот на текстот навестува дека станува збор за законско решение кое ќе почне да важи од определен период, сепак, кога ќе се прочита текстот не може да се најде токму таа информација од насловот. Тоа придонесува текстот да биде означен со испуштен контекст.
Кога ќе се погледне владиното соопштение, евидентно е дека ова законско решение се очекува да почне да се имплементира од 1 октомври.
Од 3 минута и 6 секунда на следното видео премиерот Зоран Заев вели:
Прво, денеска на работната седница владата го утврди текстот на Измените и дополнувањата на законот за работниТЕ односи и Законот за трговски друштва, со кој недела се прогласува за ден на неделен одмор и овие законски измени ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.
Во 3 минута и 46 секунда премиерот вели дека примената се проектира да започне од 1 октомври.
Недела станува неработен ден, ден на неделен одмор и со тоа правиме уште еден исчекор кон унапредување на работничките права и социјалната правда.
Меѓутоа, кога ќе се погледне Законот за работните односи, член 130, објавен во 2010 година, во член 134 пишува:
Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор од членот 129 од овој закон. Ден за неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата. Просечното време за неделен одмор од став 1 на овој закон се пресметува за период не подолг од 14 дена.
Во текстот на Законот за работните односи од 2018 исто така пишува во членот 130:
Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор од членот 129 на овој закон. Ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата.
Значи, досега законската регулатива веќе имала утврдено дека недела е ден за одмор, но ја оставала опцијата да може и друг ден во неделата да биде ден за одмор. Со предложените законски измени, нема опција друг ден да биде ден за одмор освен недела, освен за исклучоците, односно за дел од вработените во дејности што не можат да претрпат застој во производствениот или трговскиот процес.
Овие работници за работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 проценти од редовната дневница. Дополнително, ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена. Имплементацијата на Законот ќе биде контролирана од страна на Државниот инспекторат за труд, подвлече министерката Јагода Шахпаска.
Предложените измени во детали
Адвокатска канцеларија на својата веб-страница објаснува во што се состојат измените во законот за работни односи:
Измените и дополнувањата главно се направени во член 134 од Законот за работни односи, каде што се менува став 2 и се утврдува дека недела е ден на неделен одмор. Истиот член се дополнува со шест нови ставови, со кои се предвидува кај кои работодавачи од одделни дејности работниците можат да работат и во недела и дека за нив ден на неделен одмор ќе биде друг ден во неделата (став 3). Се предвидува и исклучок за работниците кај работодавачи од трговијата кој ќе се уреди со Законот за трговијата (став 4), во случаи на природни несреќи и хаварии на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела (став 5). За работа во недела работниците ќе добијат додаток на плата од најмалку 50 проценти за секој час на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот, како и право на ден на неделен одмор во наредните седум дена (став 6). За работа во недела работодавачот е должен да го извести Државниот инспекторат за труд (став 7). Содржината, формата и начинот на известување ќе се пропише од страна на министерот за труд и социјална политика (став 9). Покрај тоа, министерот надлежен од областа на трудот со подзаконски акт ќе ги дефинира помошните дејности и придружните работи (став 8). Предвидено е и дополнување на ставот 3 од членот 106 со додаток на плата, како дел од третата компонента на платата за работа во недела.
Со оглед на тоа што во насловот од текстот се навестува дека со неговото читање ќе се информираат граѓаните од кога се најавува примената на предложените измени во законот, а во текстот тоа не може да се прочита, односно таа информација ја нема, сметаме дека станува збор за испуштен контекст.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.