Речиси паралелно со појавата на ковид-19 пандемијата се појави и бура од дезинформации поврзани со неа. Брзината со која дезинформациите и се креираа и се ширеа низ цел свет беше невидена дотогаш. За само месец-два, дезинформациите за ковид-19 достигнаа ниво и опсег какви што на тие од областа на политиката им беа потребни години.
Вебинарот на тема „Борба против дезинформации за ковид-19“ ќе се одржи на 16 јуни 2021 година (среда) oд 15 часот, и ќе може да се следи во живо преку „Фејсбук“. Приклучете се на настанот на „Фејсбук“ за да добиете потсетување пред почетокот.
На овој вебинар ќе бидат презентирани резултатите на истражувања направени во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, како и студијата на дезинформациите поврзани со ковид-19 спроведена во партнерство меѓу Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.
При тоа, учесниците ќе може да ги слушнат мислењата на проверувачите на факти кои секојдневно се борат против теориите на заговори во кои 5Г-технологијата за мобилни комуникации се поврзува со пандемијата, постојаните тврдења за наводни мрачни сили кои намерно ја заразуваат светската популација, дезинформациите за лукот, кој е прогласуван и за лек и за вакцина истовремено и многу, многу други. Ќе чуете како се развиваа и ширеа дезинформациите за ковид-19 ширум светот и кај нас, во земјава, а експерти од областа на проверка на факти ќе понудат размислувања за тоа како овие невистини ќе се развиваат во иднина и во што евентуално би се претвориле по пандемијата.
Едночасовниот вебинар ќе го модерира Филип Стојановски раководител на проектот КриТинк, а на темата ќе презентираат:
– Владимир Петревски, уредник на Вистиномер и КриТинк
– Мирослава Бурнс, новинарка
– Ана Анастасовска, новинарка и уредничка
– д-р Миралем Јукиќ, претставник на Здружение на лекари специјализанти (ЗЛС), вработен во Брза помош Скопје
Вебинарот ќе се емитува во живо на фејсбук-страницата на „Критинк“ на македонски јазик.
Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со „Евротинк“. Проектот е финансиран од Европската Унија.