Во Индија 17 деца не починале од вакцина против ковид-19, туку од постковид симптом

Објава на „Фејсбук“ објавува дезинформација дека 17 деца во Индија починале и уште 2.000 деца страдаат од инфламација на организмот, откако примале ковид-19 вакцина. Нашата проверка покажа дека веста за починатите деца е точна, но не е вистина дека починале од вакцина против корона-вирус.

Постот споделува фотографија од напис објавен на сајтот The BL на 9.7.2021 година. Уште во првата реченица, написот, повикувајќи се на „локален извештај“, нагласува дека „многу мали деца починаа откако им беше инјектирана вакцината против ковид-19 во Индија“.

Повеќе од 2.000 деца низ Индија сега страдаат од мултисистемски воспалителен синдром (МИСЦ) како несакана реакција. Особено во Џајпур, каде што во последните два месеца починаа 17 од 154 деца. Болницата Џекелон во Џајпур бележи зголемен број  случаи со МИСЦ по инјектирање на вакцината.

Во написот нема извор на информацијата, нема потврда на информацијата од болницата, ниту е посочено за која вакцина конкретно станува збор, што остава простор за сомнеж во врска со вистинитоста на напишаното.

Вистиномер“ ја пребара оваа информација на „Гугл“ и најдовме напис објавен од „Хиндустан тајмс“ на 5.7.2021, кој информира дека постковидно воспалително заболување уби 17 деца во болницата ЈК Лоне во Раџастан.

Најголемата болница за деца во Раџастан, ЈК Лоне во Џајпур забележа 17 смртни случаи во последните два месеца меѓу 155 случаи на мултисистемски воспалителен синдром кај деца (МИСЦ), додека лекарите низ целата држава се борат со зголемени случаи на овој редок воспалителен синдром, кој е постковид-компликација.

Написот пренесува изјава од д-р Ашок Гупта, одговорен за Центарот за ретки болести во одделот за педијатрија на Медицинскиот колеџ Саваи Ман Синг (СМС), кој посочува дека МИСЦ се карактеризира со треска, воспаление и дисфункција на повеќе органи, што обично се манифестира две недели откако ќе се излечи детето од ковид-19.

Тој изјавил дека голем број деца изложени на ковид-19 во вториот бран биле асимптоматски и затоа било тешко да се следат за постковидни компликации како што е МИСЦ, за кои се пријавува сега.

Родителите не беа свесни за оваа болест и одложувањето на навременото лекување ја влошува болеста, рече тој.

Шефот на одделот за детски болести, д-р Кулдип Синг, изјавил дека МИСЦ е насочена кон 18-годишни деца, кои биле заразени со ковид-19.

Антителата, кои се развиваат по ковид-19, го оштетуваат ткивото на телото. Влијанието на МИСЦ беше забележано по 3-6 недели, рече тој и додаде дека кога се зголемило нивото на имунитет, антителата започнале да ги напаѓаат крвните садови и ткивата.

Според ова, може да се заклучи дека информацијата оти 17 деца починале во Индија е точна, но не е точно дека починале откако примиле вакцина против ковид-19. Децата починале како последица на мултисистемски воспалителен синдром, кој е последица на прележан ковид. Ваквите информации може во голема мера да му наштетат на процесот на имунизација против ковид-19, кој е единствена можност да се сопре пандемијата.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.