Паушално се обвинува за „геноцид“ на децата што ќе се вакцинираат и тоа со состојка што во вакцината на „Фајзер“ ја нема!

 

Во постот што го рецензираме е изнесено скандалозно тврдење дека вакцинацијата на децата против ковид-19 претставува „планирано убиство на децата во Македонија“.

Најавија над 1000 родители кои би ги пријавиле и своите деца?! Графен оксидот е главната причина за смртноста, како главна состојка на Фајзер и Астра Зенека, што сакаат да ја дадат на нашите деца по директива на Калето, а главни промотори Филипче и други лекари, заедно со медиумите кои лаат 24/7. Ова е директива за убиство на нашите деца! Геноцид!, се тврди во постот.

Меѓутоа, во земјава е најавено дека исклучиво децата на возраст од 12 до 16 години ќе се вакцинираат со вакцината на производителот „Фајзер“, која што е одобрена за оваа возрасна категорија од страна на Европската агенција за лекови, ЕМА, по направени студии и клинички тестирања. Вакцината на „Астра Зенека“, спротивно на она што се тврди во постот, не се администрира во Македонија на помлади од 60 години и дефинитивно нема да се администрира кај деца. Вакцинацијата на децата не е задолжителна, а пријавувањето го прави родителот, затоа што вакцините на „Фајзер“ доаѓаат во вијала од која се екстрахираат шест дози и со што ќе се избегне фрлање на дозите, кои мора да се искористат во одреден временски период по отворањето.

Невистинито е тврдењето, изнесено во постот, дека графен оксидот е главна состојка на вакцината на „Фајзер“ и дека истиот е главна причина за смртноста.

Претставник на „Фајзер“ за Асошиејтед прес ијзави дека во нивната вакцина нема графен оксид. Студијата со која се прави обид да се „поткрепи“ тврдењето оти во вакцината на „Фајзер“ има графен оксид, не е прегледана од медицинската заедница (не е peer-reviewed), ниту, пак, е поддржана од Универзитетот Алмеријаво Шпанија.

Графен оксидот не е во листата на состојки во вакцината против ковид.

Кит Лонгли, менаџер за наука во „Фајзер,“ за Асошиејтед прес изјави дека оваа состојка во нивната вакцина не постои. Истото го потврдиле и хемиски и медицински експерти, кои што не се поврзани со компанијата „Фајзер“.

Не е во листата на состојки и нема никаква можност да биде присутна во вакцината, изјавил Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг во Масачусетс Институтот за технологија.

Експертот за вакцини, Пол Офит, од детската болница во Филаделфија, додал дека ова тврдење е чиста глупост.

Доктор Амеш Адаџа, специјалист за инфективни болести од „Џонс Хопкинс“, тврди дека имало истражувања за потенцијалното користење на графен оксидот во други вакцини, но количините не биле во доволно големи дози за да предизвикаат токсичен ефект.

Во постот што го рецензираме е прикачен линк до предлог за вакцина, но, тој воопшто не се однесува на вакцината „Фајзер“, која ќе се аплицира во Македонија за децата на возраст од 12 до 16 години исклучиво со информирана согласност на родителот!

И реномираниот магазин „Форбс“  како невистинито го оцени тврдењето дека во вакцината на „Фајзер“ има графен оксид.

Од сето ова може да се заклучи дека тврдењето оти вакцинацијата во земјава за децата претставува планирано убиство е невистинито. Невистинито е и дека вакцината на „Фајзер“ содржи состојка графен оксид.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.