Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој се тврди дека 460 научници и професори од Јапонија пред 2 дена до јапонската влада испратиле документ, во кој бараат итно да сопре вакцинацијата против ковид-19, која, исто така, во постот се нарекува и „генетска терапија“.
Во постот се претставува настанот како нешто што традиционалните медиуми го прикриле од јавноста, а информацијата се претставува како да била добиена од наводен македонски државјанин што живее во Јапонија.
Нормално на вести и телевизија ни збор за овој чин, меѓутоа има интернет, има и видеа од овие луѓе да не мислите дека е приказна за мали деца или таканаречена теорија на затвор. Иако Јапонците имаат мизерен одзив до сега на труењето со новава технологија, сепак докторите се собраа и ќе се обидат да го запрат лудилото, се вели во постот.
Меѓутоа, на интернет не постои ниту една пишана трага од настанот, кој, наводно, се случил во Јапонија. Досега во земјата се администрирани60 милиони дози вакцини против ковид-19. Целосно вакцинирани во оваа земја се 22.7 милиони граѓани, односно 18 проценти од населението. Земјата почнува да прифаќа апликации за вакцинален пасош за сите имунизирани со две дози.
Невистинито е тврдењето дека ковид-вакцините се генетска терапија.
Ковид-19 вакцините не се генетска терапија, затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени. Генската терапија вклучува правење намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. МРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што, не претставува генетска терапија. Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин.
Американската национална библиотека за медицина терминот генетска терапија го дефинира како техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген, кој не функционира на соодветен начин, или да стават нов ген во телото којшто ќе направи нешто за да се бори против болест.
Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. МРНК, пак, е различна од ДНК! РНК значи рибонуклеинска киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од МРНК. ДНК е во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, МРНК од ковид-вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку, едноставно, ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк-протеинот.
Значи, влезот на МРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, МРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.
Постот го оценуваме како дезинформација, поради тоа што постојат јасни назнаки од сите здравствени авторитети на интернационално ниво дека вакцината не е генетска терапија. Што се однесува на делот од постот во кој се тврди дека 460 научници и лекари до јапонската влада доставиле допис да престане вакцинацијата, за ова тврдење на интернет не постои буквално ниеден навод, ниту напис, ниту фотографија, ниту видеоматеријал. Ниту еден медиум не известил за таков наводен настан.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.